Тим истражувачи од Универзитетот во Бирмингем претстави нов механички пристап за добивање 2D материјали што работи на собна температура и, според нивните резултати, може да ја зголеми продуктивноста и до десет пати во споредба со вообичаени лабораториски техники.
Методата се базира на високoинтензивни вибрации во течна средина. Наместо токсични растворувачи, истражувачите користеле вода и танинска киселина, со цел процесот да биде поодржлив и поевтин за индустриска примена.
Во студијата, објавена во списанието Small, е прикажано дека пристапот не е ограничен само на графен. Со истата постапка се добиени и други важни слоевити материјали, како хексагонален бор-нитрид (изолатор) и молибден-дисулфид и волфрам-дисулфид (полупроводници), кои се релевантни за оптоелектроника и напредни електронски уреди.
Според анализите со електронска микроскопија и компјутерско моделирање, честичките графит прво се преклопуваат на рабовите, потоа се разделуваат на потенки слоеви и на крај преминуваат во атомски тенки листови графен. Раните фази на овој процес биле детектирани по само пет минути работа.
Авторите наведуваат дека вибрационата ексфолијација функционира на повисоки концентрации на материјал од сонкацијата и shear mixing, што директно води до поголем производен капацитет. Дополнително, спектроскопските мерења укажуваат дека не се внесуваат структурни дефекти во графенските листови.
Ако резултатите се потврдат и во индустриски услови, оваа техника би можела да ги намали техничките и трошковните бариери за масовно производство на 2D материјали и да го забрза нивното вградување во сензори, енергетски системи, композити и идни електронски компоненти.
































