NASA го претстави Roman: нова мисија за мапирање на универзумот и лов на егзопланети

NASA официјално го претстави вселенскиот телескоп Roman, кој треба да започне со работа по лансирање со ракета на SpaceX, најрано во септември. Мисијата е замислена како следен голем чекор по Hubble, со фокус на пошироко и подлабоко набљудување на космосот.

Телескопот има видно поле најмалку 100 пати поголемо од Hubble, што ќе му овозможи брзо да скенира огромни делови од небото. Според NASA, Roman ќе испраќа околу 11 терабајти податоци дневно, па уште во првата година се очекува да се собере повеќе информација отколку што Hubble акумулирал низ целиот свој работен век.

Една од клучните научни цели е откривање десетици илјади егзопланети. Паралелно, Roman ќе регистрира милијарди галаксии, илјадници супернови и десетици милијарди ѕвезди, со што ќе се изгради детална статистичка слика за структурата на универзумот.

Мисијата е особено важна и за истражување на темната материја и темната енергија, кои се смета дека сочинуваат најголем дел од космосот. Благодарение на инфрацрвените инструменти, Roman ќе набљудува многу далечна светлина, односно ќе „гледа“ во раните епохи на универзумот, за да помогне во објаснување на тоа како се формирале космичките структури и како се менува стапката на ширење на универзумот.

Roman ќе работи комплементарно со други големи опсерватории, како James Webb, европскиот Euclid и опсерваторијата Vera Rubin во Чиле. Научниците очекуваат комбинацијата на овие податоци да донесе нови откритија што може суштински да го променат нашето разбирање за космосот.

Телескопот е именуван по астрономката Ненси Грејс Роман, често нарекувана „мајка на Hubble“. Проектот се развива повеќе од една деценија и чини над 4 милијарди долари, што го прави една од најамбициозните современи вселенски научни мисии.