Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ идентификуваше исклучително далечна галаксија што постоела пред околу 13 милијарди години, кога Универзумот бил стар приближно 800 милиони години. Објектот, наречен LAP1-B, е меѓу најхемиски примитивните галаксии досега забележани.
Галаксијата е пронајдена благодарение на гравитациско леќирање: масивно јато поблиски галаксии делувало како природна лупа и ја засилило нејзината светлина околу 100 пати. Тоа им овозможило на астрономите да ја анализираат со инструментите на Web и да го разгледаат нејзиниот спектар.
Истражувањето покажало дека поголемиот дел од забележаната светлина не доаѓа директно од ѕвездите, туку од јонизиран гас. Хемиските траги укажуваат на многу мала содржина на тешки елементи, а количината на кислород е околу 240 пати пониска од сончевата. Таквиот состав се смета за близок до условите во раниот Универзум.
Наодите дополнително упатуваат на силно јонизирачко зрачење, какво што се очекува од првата генерација ѕвезди, позната како Population III. Истражувачите забележале и повисок однос јаглерод-кислород, што се совпаѓа со теоретските предвидувања за првите ѕвездени експлозии.
Од движењето на гасот, тимот заклучил и дека галаксијата е задржана од масивен ореол од темна материја. Според научниците, LAP1-B нуди редок увид во најраните фази на формирање галаксии, кога првите ѕвезди почнале да ја менуваат хемиската слика на космосот.
































