Горниот степен на ракета Falcon 9 на SpaceX се очекува да удри во Месечината на 5 август 2026 година, во близина на кратерот Ајнштајн. Астрономите ќе го следат настанот бидејќи ударот би можел да биде забележлив од Земјата.
Станува збор за дел од ракетата со ознака 2025-010D, долг околу 12 метри, широк четири метри и тежок приближно 4.000 килограми. Откако во јануари 2025 година ги насочил две приватни лунарни летала кон нивните траектории, останал без гориво и продолжил да се движи низ просторот.
Според пресметките, објектот ќе ја погоди Месечината со брзина од околу 8.750 километри на час. Компјутерските модели укажуваат дека шупливата метална конструкција најверојатно ќе се згмечи при ударот, наместо длабоко да навлезе во површината.
На местото на ударот би можел да се создаде нов кратер широк од 20 до 30 метри, како и облак од лунарна прашина што ќе се издигне неколку километри над површината. Научниците особено ќе бараат краткотраен светлосен блесок и облакот од исфрлен материјал.
Настанот претставува ретка можност за директно проучување на вештачки удар врз Месечината. Набљудувањата би можеле да помогнат и во проверката на методи за прецизно одредување на местото на удар, што е важно за идните сеизмички експерименти на Месечината.
Ударот е предвиден околу 06:35 часот по UTC, на страната на Месечината свртена кон Земјата. Истражувачите ги повикуваат и професионалните и аматерските астрономи да подготват телескопи и камери со можност за снимање со голема брзина.
































