Растеглив дисплеј со квантни точки достигна рекордна осветленост

Истражувачи од Институтот за наука и технологија „Тегу–Гјеонгбук“ (DGIST), во соработка со тимови од UNIST и Институтот за фундаментална наука (IBS), развија растеглив квантно-точкаст дисплеј со висока резолуција и рекордна осветленост.

За разлика од конвенционалните растегливи екрани, кај кои најчесто се растегнуваат само проводниците, во новиот уред се деформираат и самите светлечки пиксели. Така, при растегнување се намалува ризикот од губење на активната површина и изобличување на сликата.

Тимот развил процес наречен LIFT, со кој квантните точки што емитуваат светлина се хемиски поврзуваат со еластичен полимер. Потоа, со прецизен трансфер се создаваат ситни обрасци на површината. Дополнителниот третман на светлечкиот слој ја подобрува неговата електрична спроводливост и прилепувањето кон подлогата.

Со оваа постапка истражувачите изработиле црвени, зелени и сини пиксели со густина до 16.000 пиксели по инч (PPI). Уредот достигнал максимална осветленост од 53.300 нити, што е значително над претходно пријавената граница од околу 15.000 нити за растегливи светлечки уреди.

Дисплејот работел стабилно и кога бил растегнат за приближно 65 проценти над првобитната должина, без механички оштетувања или забележливо влошување на квалитетот на сликата.

Резултатите, објавени во списанието Nature Nanotechnology, би можеле да придонесат за развој на понапредни носливи уреди, електронска кожа и други технологии што треба да се приспособуваат на движењето и обликот на човечкото тело.