Тим теоретски физичари од RIKEN предложи нов пристап за нерецепрочна квантна синхронизација на фонони, при која синхронизацијата се воспоставува во една насока, а не и во обратна. Резултатите се објавени во списанието Nature Communications.
Фононите, квазичестички поврзани со вибрации во материјалите, се важни за квантни и фотонски платформи. Во класични и квантни уреди, нерецепрочноста е клучна бидејќи овозможува контролирано движење на сигналот во посакуван правец и потиснување на повратни влијанија.
Според авторите, досегашните предлози за еднонасочна квантна синхронизација честопати биле чувствителни на реални ограничувања, како производствени дефекти и шум од околината. Новиот модел комбинира два квантни механизми што дејствуваат синергиски, со што синхронизацијата се задржува и кога системот не е идеален.
Клучниот наод е дека еднонасочната синхронизација може да опстои дури и при значајни несовршености и шум, без сложени заштитни шеми. Ако овие теориски предвидувања се потврдат експериментално, пристапот би можел да придонесе за постабилни квантни процесори и поотпорна обработка на квантни информации.
Трудот „Nonreciprocal quantum synchronization“ (Deng-Gao Lai и соработници) носи и поширока порака: практичните квантни технологии нема да зависат само од „совршени“ лабораториски услови, туку и од дизајни што природно толерираат грешки и нарушувања.
































