Илон Маск успеа да лансира храна во вселената со помош на рециклирана ракета

Американската компанија SpaceX во сопственост на Илон Маск успеа да лансира ракета и капсула кои веќе биле употребени, а се наменети за снабдување на астронаутите од Меѓународната вселенска станица (ISS).

Ракетата „Falcon 9“ на чиј врв е капсулата „Dragon“ без човечки екипаж, беше лансирана според планот во 16,30 часот по локално време, од лансирната рампа на НАСА во Кејп Канаверал на Флорида.

“Ова е втора мисија за снабдување на НАСА во којашто не само што се послуживме со веќе употребена ракета туку и со капсулата Dragon која веќе одеше на Меѓународната вселенска станица“, вели Џесика Џенсен, шеф на мисијата.

Ракетата која беше лансирана во понеделникот последен пат леташе во август минатата година, а капсулата Драгон се спои со ISS во април 2016 година. Во декември 2017 година, SpaceX за првпат повторно ја употреби користената ракета и капсула во иста мисија.

Компанијата со седиште во Калифорнија, настојува да ги намали трошоците за вселенски летови со повеќекратно користење на своите ракети и останати делови, наместо по извршениот лет да ги спушти во океанот.

“Нас нè восхитува ова бидејќи станува правило”, изрази задоволство Џенсен.

Капсулата носи речиси 2.600 килограми храна и истражувачка опрема во врска со проектот за истражување на бурите на Земјата.

Товарниот вселенски брод на станицата треба да се спои на ISS во среда наутро, и ќе остане во орбитата речиси еден месец пред да се врати на Земјата.

Ова е четвртата мисија која што компанијата ја изведува за НАСА.

Поддржете ја нашата работа: