Италијанскиот супервулкан се приближува до ерупција

Еден од најпознатите супервулкани – Кампи Флегреи (Campi Flegrei) во Италија би можел да еруптира порано од очекуваното, предупредуваат научниците.

Последен пат вулканот еруптирал во 1538 година. Со проучување на активностите во последните 500 години, истражувачите предвидуваат дека се достигнува „критичната фаза“, кога секоја идна нестабилност би водела до ерупција.

Вулканот е нестабилен веќе 67 години, со двегодишна нестабилност во 1950-тите, 1970-тите и 1980-тите години,предизвикувајќи мали локални земјотреси и подигање на тлото.

Научниците од Универзитетот во Калифорнија и Опсерваторијата на Везув во Неапол, користејќи нов модел, ги проучувале правилностите во активноста на Кампи Флегреи со цел да истражат дали вулканот се „подготвува“ за ерупција. Тие откриле дека ваквата нестабилност во последните 67 години има кумулативен ефект, предизвикувајќи зголемување на енергијата во кората, што го прави вулканот многу подложен на ерупција.

Слично однесување на вулканот е забележено и пред 500 години, кога после еден век натрупување на лава дошло до ерупцијата во 1538 година.

Научниците забележиле движење на магмата во области на околу три километри длабочина под вулканот, што е причина за нестабилноста. Ерупцијата станува поверојатна кога тлото ќе се растегне до точка на пукање, бидејќи лавата може низ пукнатината да излезе на површината. Тешко е да се предвиди кога може да дојде до ерупција, бидејќи дури и кога тлото ќе пукне, магмата може да застане пред да излезе на површината.

Во три наврати е детектирано издигање на тлото во висина повеќе од три метри, но пукање на кората не се случило.

Кампи Флегреи се протега на површина од 100 квадратни километри, западно од Неапол. Во центарот има огромна, 12 километри широка калдера со 24 кратери, претежно скриени под Средоземното море. Ерупцијата на овој вулкан денска би влијаела на животот на 360.000 лица што живеат во околината на калдерата и на речиси еден милион луѓе од околината на Неапол.

Научниците се надеваат дека ова истражување ќе ги поттикне властите да се подготват за можната ерупција.

„Проучувајќи го пукањето и движењето на тлото покажува дека сме дојдени до критична фаза кога нестабилноста ја зголемува можноста од ерупција и клучно е власите да бидат спремни за тоа. Не знаеме кога оваа нестбилност ќе доведе до ерупција, но постои тренд кој сме го  забележале и во проучувањето на другите вулкани“– изјавил др. Кристофер Килбурн, лидерот на истражувањето.

Поддржете ја нашата работа: