Научниците за првпат измерија како се движи топлината под површината на Ио, највулкански активното тело во Сончевиот систем. Податоците ги собра вселенското летало „Џуно“ при блиските прелети покрај месечината на Јупитер кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 година.
Инструментот за микробраново зрачење на „Џуно“ навлегол приближно два до шест метри под површината. Така, истражувачите добиле информации што не можат да се видат со инфрацрвени набљудувања, кои ја мерат само температурата на површината.
Мерењата покажале дека температурата под површината се зголемува за повеќе од 22 степени Целзиусови на длабочина од само неколку метри. На одделни места, подземната температура била за 10 до 20 степени повисока од онаа во околниот терен — знак дека топлината доаѓа од внатрешноста на месечината.
Иако Ио има високи планини и стотици активни вулкани, голем дел од неговата површина е релативно мазен. Научниците сметаат дека таа е прекриена со порозни наслаги од вулканска пепел, сулфурен мраз и друг материјал исфрлен при ерупциите. Новите наслаги постојано го затрупуваат постариот терен.
Топлината што ја регистрирала „Џуно“ можеби се движи нагоре низ карпестата кора, или потекнува од заробени текови на лава што постепено се ладат под површината. Во двата случаи, набљудувањата нудат досега најјасна слика за транспортот на топлина од внатрешноста кон површината на Ио.
За разлика од Земјата, каде што радиоактивното распаѓање е важен извор на вулканската топлина, вулканизмот на Ио главно е последица на плимното загревање. Огромната гравитација на Јупитер постојано ја растегнува и стиска месечината додека таа орбитира околу планетата, создавајќи интензивна топлина во нејзината внатрешност.
Оваа техника би можела да се примени и за проучување на вулканите на Земјата, а можеби и на ледените месечини Европа и Ганимед. Микробрановите мерења можат да помогнат во откривањето на топлината под дебелите ледени кори, каде што се смета дека се наоѓаат скриени океани.
Ио не е погоден за живот, но претставува природна лабораторија за проучување на плимното загревање и движењето на топлината низ планетарните кори. Таквите сознанија може да им помогнат на научниците подобро да ги разберат и древните вулкански процеси на Марс, Венера и Месечината.
































