05.06.2017, Скопје – Следниве пет дена Македонија ќе живее со боите на активизмот на Лајонсите во земјава. Во Неделата на Лајонизмот, која почнува денес и трае до 10 јуни 2017 година, Лајонс клубовите во Македонија организираат низа различни активности насочени кон подобрување на животот на слепите и слабовидните лица, лицата болни од дијабетес, гладните лица, заштита на локалните животни средини и на сите на кои им е потребна помош.
Според Лион Вида Пеева – Наумовска, директор на Лајонс Клуб Вардар и еден од иницијаторите за Неделата на Лајонизмот во Македонија, оваа седмица ќе се работи на промоција и популаризација меѓу населението во Македонија со цел сите оние кои чувствуваат потреба својот хуман порив да го реализираат преку волонтерски активности и на организиран начин, да се препознаат како идни членови на нашите клубови.
„Во оваа лајонистичка година, кога славиме 100 години од Лајонизмот во светот и 20 години од неговото практицирање во Македонија, Лајонс клубот Вардар ја покрена иницијативата за реализација на проектот “Недела на Лајонизмот во Македонија”.
Проектот кој целосно е поддржан од Дистрикт 132 Македонија е замислен како широка промоција и популаризација на концептот на Лајонизмот, обележјата, принципите, целните групи, активностите и придобивките за луѓето од ранливите групи во општеството“, потенцира Пеева – Наумовска.
Според неа, ќе се организираат голем број хуманитарни активности од страна на Лајонс клубовите и преку билборди, флаери, знамиња и друг промотивен материјал ќе се направат напори Лајонизмот да се промовира и афирмира во што повеќе домови ширум земјава.
За актуелниот гувернер на Дистрикт 132, Лион Слободан Вуќикевиќ, Лајонизмот за сите членови е начин на живеење, волонтерско помагање на оние на кои им е потребна помош, грижа за здрава животна средина, но и меѓусебно дружење и создавање трајни пријателства.
„Зад нас се две децении на развој, години на создавање на Лајонси, на нови Лајонс клубови. Еве сме сега – споени во тим – единствен и победнички, во Дистрикт 132 Македонија, респектиран дел од меѓународната асоцијација на Лајонс клубовите. Голема е честа и одговорноста да се биде Гувернер во година на јубилеј, а чинам уште поголем е јубилејот 100 години постоење на Лајонизмот. Нашиот Дистрикт станува локален лидер во грижата за ранливите групи, низ бројни проекти и активности што го докажуваат ова. Времето пред нас, тоа треба да биде потврда дека и понатаму ќе сме горди на успесите што ги постигнуваме“, рече Вуќикевиќ.
Првиот клуб во Република Македонија е формиран во 1997 година, а денеска, на прославата на 20 години на активна работа имаме 910 вредни членови во 39 клубови во 14 градови во нашата држава со тенденција на постојан пораст.
Минатогодишниот гувернер на Дистрикт 132, Лион Звонимир Цветановски, објасни дека Lions Clubs International е најголемата светска асоцијација на сервисни клубови, која во 2007 година, според Форбс, е прогласена за најдобра меѓународна невладина организација. Членувањето е волонтерско.
„Поставувањето на почетокот на нашата асоцијација во време и простор покажува дека желбата на хуманите основачи е во третата година на Првата Светска Војна да ги ублажат ужасните последици на војната. Многу семејства изгубиле членови на семејството, во многу семејства се вратиле инвалидизирани луѓе, борбата за преживување како последица на воено- економска политика биле силен мотив да се обидат да им помогнат на сите на кои им е потребна помош. Таа определба и денес останува наша цел, особено помошта на ранливите групи, кои не можат сами да си обезбедат услови за нормален живот. Лајонсите се нарекуваат „витези на слепите во борбата против темнината“, инспирирани од трогателниот говор на Хелен Келер, која на 18 месечна возраст го изгубила видот, ама успеала да се образува и да се бори за помош на слепите и слабовидни лица“, рече Цветановски на денешната конференција за печат.
Сите информации за Лајонс асоцијацијата може да ги најдете на lionsclubs.org
Лице за контакт:
Сара Блажевска
075/454907
Првиот клуб во Европа е формиран во 1948 година во Стокхолм, Шведска, а веќе утредента во Женева, Швајцарија, е формиран вториот клуб. Денес, Лајонс асоцијацијата има 1.421.828 членови во преку 46.000 клубови во 210 држави и региони во светот. Подмладок и идните членови на оваа асоцијација се членови на ЛЕО клубови. Има повеќе од 150.000 ЛЕО членови во преку 6.000 клубови во 150 држави и региони во светот.
Името LIONS е кратенка од Liberty, Intelegence, Our Nation Safety – Слобода и разум за безбедност на нашата држава, што го покажува и патриотскиот карактер, желбата за напредок и успешен развој на нашата држава. Мотото на Асоцијацијата е WE SERVE (СЛУЖИМЕ), а симболот покажува дека членовите со гордост гледаат на минатото и со верба кон иднината.
Во 1968 година е основана Lions Clubs International Foundation, која фондација силно ги поддржува и проектите во Република Македонија и која има донирано повеќе од една милијарда долари за целиот период на своето дејствување. Одбележувањето на значајниот јубилеј е почнат пред 3 години, поставувајќи си цел да се помогне на 100 милиони луѓе во светот до 30 јуни 2017 година. Како основни категории на дејствување се: Помош и ангажирање на младите, Помош на слепи и слабовидни лица, Борба против глад и сиромаштија и Заштита на животната средина. Лајонсите со гордост истакнуваат дека помогнале на повеќе од 150 милиони луѓе и ја надминале поставената цел. Затоа, тие се наоѓаат пред друг предизвик: до 2021 година, секоја година, да помагаат на по 200 милиони луѓе во светот. За фокус групи се додадени и борбата против рак кај децата и борба против дијабетесот.
































