Астрономите со помош на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ ја анализираа атмосферата на екзопланетата TOI-199b и открија јасни знаци на метан. Станува збор за гасовит свет со големина приближно како Сатурн, но со температура што е многу поблиска до земските услови отколку до екстремите што обично ги гледаме кај џиновските планети.
TOI-199b орбитира околу својата ѕвезда на нешто повеќе од 330 светлосни години од Земјата и ја завршува една обиколка за околу 100 дена. Иако не е „ладна“ планета во земски смисол, нејзината температура е далеку поумерена од онаа на жешките џинови што кружат многу блиску до своите ѕвезди.
За да ја истражат атмосферата, научниците користеле транзитна спектроскопија: кога планетата минува пред својата ѕвезда, дел од ѕвездината светлина поминува низ нејзината атмосфера. Различните молекули апсорбираат различни бранови должини, оставајќи карактеристични „отпечатoци“ во спектарот што го регистрира „Џејмс Веб“.
Во податоците се појавил јасен потпис на метан, а тимот забележал и индиции за амонијак и јаглерод диоксид. Тоа е важно затоа што моделите за темперирани гасовити џинови предвидуваа токму ваков хемиски состав, па резултатот им дава дополнителна потврда на теориите за тоа како се формираат и еволуираат ваквите светови.
Истражувачите нагласуваат дека ова е прв детален хемиски поглед на атмосферата на еден темпериран гигант од ваков тип. Понатамошни набљудувања би можеле да откријат колку точно има од секој гас и да помогнат во поцврсто моделирање на атмосферата не само на егзопланетите, туку и на планетарната еволуција воопшто.
































