НАСА откри огромен нов кратер на Месечината

Вселенското летало на НАСА „Lunar Reconnaissance Orbiter“ откри нов кратер на блиската страна на Месечината, создаден при силен удар во пролетта 2024 година. Кратерот е широк околу 222 метри и длабок до 43 метри, што го прави најголемиот познат ударен кратер формиран во поново време во Сончевиот Систем.

Научниците проценуваат дека ударот го предизвикал фрагмент од астероид или комета со големина споредлива со зграда од три до шест ката. Настанот не бил забележан во реално време, а првите снимки биле препознаени дури во август 2025 година, при анализа на големиот архивски материјал од леталото.

Кратерот, именуван по планетарниот научник Томас Мекгечин, е приближно трипати поголем од претходниот рекордер откриен со истата мисија. Ударот исфрлил лунарна прашина и карпи на подрачје широко повеќе од 100 километри.

Одделна анализа открила и студена зона со широчина од околу седум километри околу кратерот. Таа укажува дека ударот го раздвижил горниот слој на лунарната почва, односно реголитот, слично како природно „преорување“ на површината. Според податоците од мисијата, горните два сантиметри од реголитот се прекриваат со исфрлен материјал приближно еднаш на 80.000 години.

Ова ретко набљудување ќе им помогне на истражувачите подобро да ги проценат ризиците за идната база на НАСА на Месечината. Особено важно е да се утврди колку далеку може да стигне материјалот исфрлен при вакви удари и како тој би можел да влијае врз лунарната инфраструктура.