Научници од Институтот „Скрипс“ открија досега непознат начин на кој се распаѓа транстиретинот (TTR) — протеин чие неправилно собирање може да предизвика опасна амилоидоза на срцето, нервниот систем и други органи.
Транстиретинот нормално постои како структура составена од четири единици и учествува во пренесувањето на витаминот А и хормонот тироксин низ крвта, цереброспиналната течност и окото. Во вообичаениот процес, четворочлената структура најпрво се разделува на два димера, а потоа на поединечни молекули. Тие можат неправилно да се свиткаат и да се наталожат како амилоидни наслаги.
Новото истражување покажува дека TTR може да следи и алтернативен пат: четворочлената структура се отвора преку поширока преодна состојба и директно се разделува на поединечни единици, без стабилни димерни меѓучекори.
Истражувачите испитале повеќе од 100 варијанти на протеинот, следејќи ја брзината на неговото распаѓање при различни концентрации на уреа и нивоа на киселост. Резултатите биле дополнително потврдени со криоелектронска микроскопија и со претходно објавени податоци од рендгенска кристалографија.
Алтернативниот механизам е поизразен во кисела средина, каква што постои во лизозомите — клеточни структури каде што се разградуваат и рециклираат протеините. Кај повеќето вообичаени форми на амилоидоза, овој пат веројатно е премногу бавен за да има значајна улога во нормални услови. Сепак, одредени наследни мутации, особено оние поврзани со заболувања на мозокот, може да го направат подостапен и при нормална киселост на крвта.
Лекот тафамидис го стабилизира TTR и го забавува неговото распаѓање и собирање. Научниците сега сакаат да утврдат дали новооткриениот механизам може да поттикне создавање наслаги во цереброспиналната течност и дали тоа има значење за пациентите со ретки мутации кои ја примаат оваа терапија.
Студијата, објавена во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“, е значајна и за основната биологија. Според авторите, транстиретинот е првиот олигомерен протеин кај кој експериментално е потврдено постоење на повеќе патишта на распаѓање во раствор, без механичко растегнување на молекулите.
За љубопитноста што нè поврзува.
Вашата донација помага науката да стигне до повеќе читатели.
Ви благодариме што ја поддржувате науката на македонски.




























