Археолози во Грција пронајдоа остатоци од 58 бродови од кои на многумина се наоѓаат антиквитети, што е најголемо откритие во Егејското, а веројатно и во Средоземното Море.
Остатоците од бродовите се најдени во малиот островски архипелаг Фурни на источниот дел од Егејското Море, а поголемиот дел од нив потекнуваат од грчки, римски и византиски период, пренесува Ројтерс.
Кога меѓународниот тим започнал подводно истражување во 2015 година открил остатоци од 25 бродови, а со последните откритија бројката се искачила на 58. Тимот верува дека на дното од морето лежат уште многу тајни.
Тимот во бродовите пронашол повеќе од 300 антиквитети, најмногу амфори, кои според зборовите на директорот на истражувачкиот проект, Георг Кацуфлакис, се користени за транспорт на вино, масло или мед.
Тој вели дека најверојатно лошото време е објаснување поради тоа што толку голем број на бродови потонале токму во Фурни.
Фурни инаку е мала островска група во источниот дел од Егејското Море, која се наоѓа во триаголник помеѓу Патмос, Самос и Икарија.