Телескопот „Роман“ го отвори окото за лов на планети

Вселенскиот телескоп „Ненси Грејс Роман“ на НАСА успешно ги заврши првите важни тестови на системот за прецизно насочување и на својот коронограф. Инструментот за првпат прими светлина од космосот, со што започна неговото детално калибрирање пред идните научни набљудувања.

Од 15 до 21 септември инженерите проверувале дали телескопот може стабилно да го задржи погледот кон избрана област од небото. Системот за фино насочување ги следи однапред познатите водечки ѕвезди и околу четири пати во секунда испраќа податоци до системот за контрола на положбата.

Тестовите покажале стабилност подобра од една стотинка од 100.000 степени во текот на половина час кај широкополезниот инструмент, односно до осум часа при набљудувања со коронографот. Прецизноста е споредлива со насочување ласер кон паричка оддалечена околу 240 километри, а инженерите очекуваат дополнително подобрување.

„Роман“ ќе тестира и нов начин на насочување во кој телескопот нема да се потпира само на изгледот на ѕвездите, туку и на нивните спектри. Бидејќи инструментот и онака е направен за мерење на спектрални податоци, истите информации може да помогнат во одржувањето на неговата прецизна положба.

Коронографот е особено важен за проучување на егзопланети и прашливи дискови околу блиски ѕвезди. Тој ја потиснува силната светлина на ѕвездата за да можат да се забележат многу послабите објекти во нејзина близина. И најмали вибрации или грешки во насочувањето би можеле да ја надвладеат нивната светлина.

На 22 и 27 септември коронографот направил прелиминарни набљудувања во Големиот Магеланов Облак. Првата снимка покажала слаба ѕвезда, а по ладењето на детекторите втората открила повеќе ѕвезди во очекуваната област. Резултатите потврдуваат дека инструментот создава фокусирани снимки и покажува каде треба да продолжи понатамошното тестирање.