Отров од шкорпија наскоро би можело да стане клуч за елиминирање на одредени соеви високо патогени бактерии. Вакви резултати покажа неодамнешно истражување чии детали се објавени во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences, a го спровеле тим научници од Универзитетот во Стенфорд и националниот автономен Универзитет во Мексико.
Откритието покажало дека две супстанци од отровот на видот Diplocentrus melici, што го населува источниот дел на Мексико, можат да се борат против повеќе штетни бактерии без да предизвикаат оштетување на здравите клетки.
Лидери на проектот се Ричард Заре (Richard Zare), професор по хемија на Стенфорд и Луривал Посани (Lourival Possani), негов колега од Мексико, од катедрата по биохемија. Нивните тимови идентификувале неколку соединенија во отровот на шкорпијата и утврдиле два претходно непознати алкалоиди, наречени бензокинони, чија структура е слична со некои групи антимикробни препарати.
Двете компоненти кога ќе дојдат во контакт со воздухот ја менуваат бојата. Едната станува црвена, а другата сина. Хемиската анализа покажува дека црвената компонента содржи атом на кислород, а сината на сулфур, се наведува во студијата.
Супстанците веднаш биле испратени на одделението за патологија во Мексико, каде што со дополнителни испитувања се докажало дека црвениот 1,4-бензокинон ефикасно ја уништува високо патогената бактерија – Стафикококус ауреус (Staphylococcus aureus) одговорна за голем број кожни и гнојни заболувања. Од своја страна пак, сината компонента на 1,4 – бензокинон покажала голема моќ за уништување на разни видови од родот Микобактериум, вклучително и оние отпорни на голем број антибиотици, меѓу кои и Mycobacterium tuberculosis, причинителот на туберкулозата.
Интересен е фактот дека за овој проект научниците успеале да обезбедат само 0,5 микролитри отров, што е 10 пати помалку од количната крв што еден комарец може да ја впие при едно каснување. Синтетичкото производство на еден галон (1 галон = 3,78 литри) од отровот чинел безмалку 40 милиони долари.
Според истражувачите, иако првичните резултати се охрабрувачки, проектот ќе остане во лабораторија. Меѓу другото, научниците ќе се обидат да откријат зошто овие две компоненти воопшто се присутни во отровот на шкорпиите.
„Тие соединенија не се дел од отровната компонента на отровот. Немаме појма зошто шкорпиите ги создаваат во себе. Има тука уште мистерии“, вели професорот Ричард Заре.