Дали седнувањето на ве-це школката во јавните тоалети е опасно по здравјето?

Кај повеќето луѓе самата помисла да седнат на вц школката во јавните тоалети без да ја покријат со хартија предизвикува гадење, со оглед на тоа колку луѓе претходно го користеле тоалетот. Јавните тоалети се доживуваат како места преполни со бактерии и седнувањето на школката би претставувало потенцијална опасност од инфекции.

Логиката ви вели дека е така, но повеќето експерти нема да се согласат дека јавните тоалети се толку нечисти како што мислите. Како што истакнува Вилијам ДеПаоло, асистент професор по имунологија и микробиологија од Универзитетот на Јужна Калифорнија во видеото на “BuzzFeed“, „ако седнете на школката нема да добиете никаква инфекција“.

Многу од бактериите кои се наоѓаат на површината на школката или во другите делови во тоалетот не се пренесуваат лесно преку кожата. Тој нагласува дека повеќето од бактериите што се наоѓаат во тоалетите се развиваат во влажна средина како што се слузниците. Значи ако седнете на ве-це школката, а потоа не ги измиете рацете, тогаш постои опасност од пренесување на  бактериите – во спротивно, ништо страшно, бидејќи кожата претставува еден вид на бариера против бактериите.

Всушност, на многу други предмети во тоалетот – па дури и на ролната од тоалетната хартија има повеќе бактерии отколку на површината на самата школка.

Сунѓерот за садови на пример содржи 200.000 пати повеќе бактерии од ве-це школката. Експертите сметаат дека ова е предмет што содржи најмногу бактерии во секое домаќинство, дури и во најчистите. Тука спаѓаат и кујнските мијалници, далечинските управувачи и мобилните телефони. Особено треба да се напоменат чантите. Тие ги ставаме насекаде – на земја, на седиштата во јавниот превоз, на бироата, а потоа ги внесуваме во домот и често ги оставаме на креветот. Ако ве загрижува хигиенета на ве-це школките, не заборавајте дека бирото во вашата канцаларија е многу понечисто, бидејќи само на тастатурата од компјутерот има околу 16 милиони микроорганизми.

Поддржете ја нашата работа: