Структурирана промена на животниот стил го подобрува когнитивното здравје

Двегодишна меѓународна студија покажа дека постарите лица со зголемен ризик од деменција можат значително да го подобрат паметењето и размислувањето со комбинирана програма на физичка активност, здрава исхрана, когнитивен тренинг и социјална поддршка.

Во истражувањето LatAm-FINGERS учествувале 1.065 лица од 11 земји во Латинска Америка. Учесниците биле поделени во две групи: едната добивала редовно советување, надгледувано вежбање, нутриционистичка поддршка, компјутерски когнитивен тренинг, следење на кардиоваскуларните ризици и 38 групни средби, додека другата добивала општи здравствени совети и четири едукативни средби.

По две години, лицата од поинтензивната програма покажале 55 отсто поголемо подобрување на вкупните когнитивни способности во споредба со групата што добивала само општи препораки. Забележани биле и поголеми подобрувања во паметењето, извршните функции и брзината на обработка на информации.

Програмата била приспособена на локалните култури, достапната храна и условите во различните земји. Вежбите вклучувале активности како салса, танго и групно вежбање на отворено, додека исхраната била прилагодена според регионалните навики и намирници, меѓу кои авокадо, киноа, чиа и тиквени семки.

Истражувачите нагласуваат дека резултатите не значат дека една интервенција може целосно да ја спречи деменцијата. Сепак, тие покажуваат дека практичните програми со континуирана поддршка и истовремено дејствување на повеќе фактори може да помогнат во зачувувањето на когнитивното здравје кај различни популации.