Третман од само една секунда! Нов пристап во лекувањето на ракот

Ново истражување може да фрли сосема ново светло на третманот на болните од рак. Во студија официјално објавена минатата недела група научници од центарот за карцином Абрамсон, во Пенсилванија, тврдат дека на пациентите целосната терапија со зрачење наместо за неколку недели може да им се даде за помалку од една секунда.

Новата метода е позната како „ФЛЕШ“ радио-терапија. Има ист ефект врз туморите како и стандардната, со таа разлика што го скратува времето на апликација.

Како што се објаснува во студијата, станува збор за протонско зрачење кое меѓу другото има помало штетно дејство врз здравото ткиво поради пократкото време на изложеност на зраците.

„Ова е прв пат некој да објави наоди кои докажуваат изводливост на употребата на протони, а не електрони, за создавање на „ФЛЕШ“ дози за клиничко лекување“, изјавил Џејмс М. Метц (James M. Metz), еден од авторите на студијата.

Ова не е прв пат научни тимови да се обидат протонските зрачења да ги употребат за ваков вид на третман, но ниту еднаш не успеале да генерираат контролирана доза од енергија.

Токму поради тоа, научниците од Пенсилванија морале да развијат посебни алати за ефикасно и точно мерење на дозите за лекувањето.

„Во лабораторија успеавме да развиеме специјализирани состави за генерирање на потребните дози и покажавме дека може да го  контролираме протонскиот зрак. Веќе сме во можност да направиме повеќе експерименти кои ќе ни помогнат да ги разбереме подобро последиците од зрачењето ФЛЕШ“, изјавил Метц.

Научниците веќе навестија дека нивното достигнување наскоро ќе почнат да го оптимизираат за клинички истражувања.

Поддржете ја нашата работа: