За прв пат уловено двоглаво морско прасе

Холандски рибари уловиле двоглаво морско прасе, кое за жал не го преживеало извлекувањето од водата.

Рибарите го фрлиле животното назад во океанот, бидејќи сметале дека е нелегелно да го задржат, но преходно  направиле неколку  фотографии.

Фотографиите стигнале и до научникот Ервин Компанје од Природонаучниот музеј во Ротердам, кој вели дека се работи за прв случај на споени морски прасиња, две младенчиња кои делат едно тело, што претставува исклучително редок улов.

„Досега има само девет регистрирани случаи на споени близнаци помеѓу китовидните цицачи. Дури и „обичните“ близнаци се реткост, бидејќи во утробата на женката нема место за  два плода“ – вели Компанје, кој 20 години ги проучува овие животни.

Неколкуте примероци кои се досега откриени обично биле неразвиени фетуси, како „двојното чудовиште“’ (double monster)– со една глава и две тела, откриено во утробата на делфин, уловен во близина на брегот на Јапонија во 1970 година.

Во 2001 година, во Средоземното Море било уловено младенче од делфин со два клуна, но било делумно распаднато и овие примероци се едни од подобрите-документирани случаи.

Според Компанје, шансите да се улови еден ваков примерок се „еден во милијарда“.

Иако е голема штета што научниците нема да можат директно да ги испитуваат овие споени близнаци, Компанје вели дека и од сликите може да се добијат некои сознанија.

Според Комапнје близнаците  починале брзо по раѓањето, бидејќи нивната опашка не била стврдната, што е неопходно, новороденчињата да можат да пливаат.

Други знаци за нивната возраст се и рамната грбна перка, која би требало да стане вертикална, брзо откако ќе влезат во океанските води, како и влакната над горната усна, кои треба да отпаднат кратко време по раѓањето.

 

Поддржете ја нашата работа: