Почетоците на астрологијата датираат некаде од 1650г. п.н.е. и веројатно првпат била практикувана во првата династија на Месопотамија, многу пред Коперниковата револуција. Иако оттогаш нашите сознанија за светот, и воопшто интелигенцијата, значително напредуваа, астрологијата остана збунувачки популарна.
Всушност, љубовниот хороскоп или колку двајца „романтично си одговараат“ станува сѐ попопуларен. Според едно неодамнешно истражување спроведено во Аризона, 78% од студентите веруваат дека астрологијата „е“ или „е блиску“ до наука. Еден површен преглед на социјалните медиуми сугерира дека „спојувањето според знаците“- како што го нарекуваат астролозите – е многу популарно помеѓу познатите личности.
Астрологијата е систем на предвидување што се базира на премисата дека постои конкретна поврзаност помеѓу положбата и движењата на небеските тела и вистинските настани во животот на човекот. Астрологијата се соочува со критики бидејќи не нуди механизам на дејство кој е во согласност со нашите сознанија од физиката, за да објасни како точно движењата на ѕвездите и планетите влијаат на животот на Земјата.
Хороскопот воопштено, претставува интерпретација на астрологот, на дијаграм кој ја покажува положбата на небеските тела во моментот на раѓање на човекот. Астролозите веруваат дека ова на пример, има објаснувачка моќ што се однесува на карактерните особини на човекот.
Постојат многу „онлајн“ места каде можат „научно“ да ве спојат со астролошки компатибилен партнер. Ваквата голема понуда укажува на тоа дека има и голема побарувачка.
Но зошто луѓето веруваат во астрологија?
Тоа веројатно има врска со огромниот број на информации за астрологијата кои се присутни во нашите животи – популарните списанија се преполни со астролошки мислења, често со препораки од славни личности. Но, постои и подлабока причина:
„Ефектот на Форер“ покажува дека поединецот многу често ги оценува општите карактеристики како многу точни и специфични за него. Во доцните 1940 –ти години, психологот Бертрам Форер им дал на своите студенти – како што го нарекол – тест за личните карактеристики. Секој од студентите верувал дека ќе добие анализа која се однесува само за него. Всушност сите добиле 13 исти образложенија, меѓу кои и „Имате тенденција да бидете самокритичен“, „Сметате дека не треба да бидете многу отворен и да им откривате многу за себе на другите“ и „Иако имате некои лични слабости, генерално успевате да ги компензирате“. Од студентите било побарано да оценат од 0 до 5 (повисока оцена значи подобро), колку точно анализата ги опишува нив. Резултатите биле изненадувачки – просечната оценка била 4,26. Откако ги оцениле профилите, на студентите им било откриено дека сите биле исти.
Неспецифичните астролошки образложенија е тешко да се побијат. Секој научник ќе ви каже дека е потешко да се докаже негативното отколку да се докаже позитивното и може, во зависност од околностите да биде и логично невозможно. Нејасните изјави како на пр: „Ќе се соочите со финансиски потешкотии“, може да се толкуваат на многу начини и еден ден (на некој начин) може да се однесуваат на секој човек.
Ефектот на Форер е еден од многуте причини зошто астрологијата е популарна. Сепак, фактот дека постојано се презентираат докази дека астрологијата не е ништо подобра од едно обично предвидување „на слепо“, би требало да е доволна причина за скептицизам кон астролошките тврдења.
Она што ви е заедничко со партнерот – заедничките ставови, верувањата, нивото на едукација – е најдобар индикатор колку сте компатибилни. Движењата на небеските тела и поставеноста на планетите нема да имаат влијание на вашата врска. Да ги базирате вашите љубовни или други важни одлуки во животот на космичките настани, најблаго речено е погрешно.
Кога ќе го сретнете потенцијалниот партнер, поставете си себеси две прашања: „Дали ми се допаѓа“ и „Дали јас му/и се допаѓам“. Ако одговорот и на двете прашања е „Да“, слободно препуштете се, без оглед на тоа што можеби ве советуваат астролозите.