Истражувањето на кое се повикува НАСА покажа дека езерото изгубило седум отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година
Понатамошната деградација може да биде катастрофална за локалниот екосистем, но и за Охридското Езеро, кое се наоѓа на 10 километри западно
Илјадници години Преспанското Езеро беше недопрено. Под притисок на климатските промени, неконтролираното пумпање и загадувањето, ова праисториско езеро во југоисточна Европа се намалува со алармантна брзина.
Се верува дека езерото на тројната граница на Албанија, Грција и Северна Македонија е дом на илјадници животински и растителни видови кои зависат од водата и околните живеалишта.
Високите температури значително го намалија годишното количество снег во областа. Виталните потоци кои се влеваат во езерото пресушија, загрозувајќи ги видовите кои зависат од езерото и блиската вода. Недостигот на врнежи доведе до постојано повлекување на водата, која на места се повлекуваше и до три километри, велат чуварите на паркот.
„Претходно имаше многу повеќе снег кој можеше да достигне метар или метар и половина, додека во последните години речиси и да нема врнежи од снег“, изјави за агенцијата Франс прес (АФП) чуварот Горан Стојановски (38), кој има поминато повеќе од една деценија мониторинг на езерото во Северна Македонија.
Други експерти се согласуваат, наведувајќи различни начини на кои ефектите од климатските промени доведоа до постојан пад на езерото.
„Промените забележани во нивото на езерата се поврзани со климатските промени“, рече Спасе Шумка, професор на Земјоделскиот универзитет во Тирана.
Шумка нагласи дека повисоките температури го зголемиле испарувањето и ги намалиле годишните врнежи. Дополнителни проблеми создаваат околните фарми со јаболка, кои во голема мера се потпираат на вода.
Истражувањето на кое се повикува НАСА покажа дека езерото изгубило седум отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година.
Загадувањето на животната средина што доаѓа од земјоделската вода од околните овошни насади само ги зголемува проблемите. Тоа доведува до цветање на алгите, поради што многумина стравуваат од создавање мртви зони.
„Езерото е силно загадено со децении. Едноставно кажано, живеалиштата на многу видови би можеле целосно да се променат, нивната популација да се намали и потенцијално да изумре“,
вели Златко Левков, биолог од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Според експертите, Преспанското Езеро е старо меѓу една и пет милиони години. Ова го прави еден од најстарите слатководни екосистеми на континентот. Приближно две илјади видови риби, птици и цицачи, заедно со многу флора, ја користат водата на езерото за опстанок.
Деградацијата може да биде катастрофална и за Охридското Езеро
Понатамошната деградација може да биде катастрофална за локалниот екосистем, но и за Охридското Езеро, кое се наоѓа на 10 километри западно.
Бидејќи Преспанското Езеро се наоѓа на рид, Охридското Езеро го одржува своето ниво потпирајќи се на неговите подземни текови низ варовникот.
На Охридското Езеро пред две години му се закануваше опасност да го загуби местото на листата на природно светско наследство на УНЕСКО поради прекумерното загадување и нерегулираниот развој.
Според извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во регионот годишно се користат околу 65 тони пестициди, а во езерото завршуваат големи количини хемикалии.
Пестицидите и вештачките ѓубрива во голема мера се користат во јаболковите насади кои се познати во регионот, а сочинуваат околу 70 проценти од економската активност во и околу брегот на Преспа во областите на езерото во Северна Македонија.
„Отстранувањето на биоразградливиот отпад и прекумерната употреба на ѓубрива и пестициди го поттикнаа брзиот раст на биомасата во езерото, како што се алгите и инванзивната трева, кои ги загрозуваат ендемските видови“, соопшти УНДП.
Низа проблеми
Во последните години беа покренати безброј иницијативи за подобро управување со штетните ефекти на земјоделскиот сектор. Во рамките на еден проект беа изградени осум метеоролошки станици. Собраните податоци помагаат да се информираат земјоделците за употребата на пестициди, со што нивната употреба е намалена за 30 проценти.
„Со намалување на бројот на третмани, имаме поголема економска придобивка и ја подобруваме заштитата на животната средина“, изјави за АФП Фросина Ѓорѓиевска (56), производителка на јаболка во Северна Македонија.
Во регион каде што економските тешкотии, лошата инфраструктура и падот на наталитетот се најголемите проблеми, загриженоста за животната средина честопати паѓа во втор план од владините приоритети.
Повеќето експерти веруваат дека треба да се направи повеќе за да се заштити иднината на езерото, вклучително и подобра имплементација на низата договори потпишани од Северна Македонија, Албанија и Грција во 2012 година.
Активистите бараат преминување кон органско земјоделство и инвестирање во одржлив туризам за да се помогне во ширењето на свеста.
„Сакаме да ја задржиме автентичноста на Преспанското Езеро, неговата убавина и да продолжиме да уживаме во него“, рече Марија Ефтимовска (42), локален еколошки активист.