Во мозокот на луѓето кои умираат откриена досега непозната активност

Научниците од Универзитетот Мичиген во САД открија необичен бран на активност во мозоците на две лица кои умираат, а кој може да биде објаснување за феноменот на „искуство на блиска смрт“.

Сè уште немаме многу информации за тоа што точно се случува во мозокот во последните моменти од нашиот живот. Експертите дури минатата година, за првпат, детално ги евидентирале мозочните бранови на лице што умира и забележале скок во еден конкретен вид на мозочна активност, гама брановите, заедно со промените во другите фреквенции.

Во новата студија, научниците, исто така, забележале слична „експлозија“ на краткотрајна гама-активност кај два од четири пациенти кои биле исклучени од апаратите за одржување во живот, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Неврологот Џимо Борџигин и неговите колеги од 2013 година бараат паралели помеѓу последните моменти на човечкиот мозок и резултатите од експериментите на стаорци кои претрпеле срцев удар. Тие веруваат дека овие минливи блесоци на мозочната активност, кои се јавуваат кога испитаниците повеќе не се свесни за она што се случува околу нив, би можеле да го објаснат феноменот на блиски искуства со смртта (на англиски, Near Death Experience, NDE).

Тимот ги анализирал смртните случаи во одделението за невроинтензивна нега од 2014 година во болницата на Универзитетот Мичиген. Кај два од четири пациенти во кома, а кои починале додека лекарите сè уште ја следеле нивната состојба по срцев удар, снимките од ЕЕГ откриле силен налет на гама бранови во еден дел од мозокот кој подоцна се проширил на двете хемисфери.

Експертите потврдиле дека не станува збор за некаков вид на напад, поради што научниците веруваат дека се работи за последните навестувања за свесноста за околината. Имено, почетниот бран на гама бранови бил лоциран во областа на мозокот која се смета за центар на таканаречените нервни остатоци од свеста.

Сличен модел на активност е забележан за време на спиењето и кај пациенти со напади кои изјавиле дека доживеале халуцинации и искуства надвор од телото. Овој дел од мозокот ги вклучува човечките сетила, што може да објасни зошто блиските искуства со смртта за кои луѓето известуваат, се толку живописни.

Се смета дека комуникацијата помеѓу мозочните хемисфери е исто така суштинска за потсетување. Ниту еден од набљудуваните пациенти не преживеал, па не можел да раскаже што точно видел, почувствувал или доживеал во последните моменти од животот.

Сепак, не сите експерти се убедени дека вонтелесните искуства се поврзани со краткотрајната средба со смртта и веруваат дека тоа попрво би можело да биде невролошка реакција на недостатокот на кислород во мозокот.

Тоа не го негираат ниту научниците кои работеле на новото истражување.

„Не можеме да ја исклучиме можноста дека овој гама бран е знак на патолошки процес специфичен за фазата на умирање и дека не е поврзан со свесната обработка“, пишува Борџигин.

Меѓутоа, тие се надеваат – како и сите ние – дека со секој забележан случај можеби ќе научиме малку повеќе за последните моменти од животот и свеста.

„Оваа студија ја поставува основата за понатамошно истражување на прикриената свест за време на срцев застој, што може да послужи како модел систем за истражување на механизмите на човечката свест“, заклучуваат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: