Дел од вселенско летало денеска ќе удри во Месечината

Отпаднат сегмент од вселенско летало со тежина од 3 тони денеска се очекува да удри во Месечината. Според пресметките, во моментот на ударот телото ќе има брзина од околу 9.300 km/h.

Остатокот е отфрлен од ракета испратена од Земјата во 2014 година, а за прв пат беше откриен во март 2015 година со телескопите во Аризона.

Астрономите најпрво мислеа дека остатоците се од ракетата Falcon 9, на SpaceX, испратена во вселената во февруари 2015 година за да испорача сателитска опрема за следење на климата во длабоката вселена, но поновите докази сега укажуваат на тоа дека вселенскиот отпад е веројатно горен дел од кинеската ракета Chang’e 5 – Мисијата Т1, која беше лансирана во октомври 2014 година како дел од тест мисија за испраќање примерок од Месечината. Сепак, претставници на кинеското Министерство за надворешни работи ја оспоруваат оваа теорија.

Бидејќи судирот ќе се случи на далечната страна на Месечината, ударот ќе биде невозможно да се види со помош на телескопи од Земјата. Сепак, ќе може да го видиме кратерот во следните неколку недели или месеци. Сателитите кои орбитираат околу Месечината, како што се Лунарниот извидувачки орбитер на НАСА и индиското вселенско летало Чандрајаан-2, можеби не се на вистинското место за да го снимат судирот како што се случува, но на крајот ќе можат да го идентификуваат ударниот кратер на објектот откако ќе орбитираат во таа зона.

Иако ова е прв ненамерен судир на Месечината, не е прв пат сателит направен од човек да се урне во Месечината. Во 2009 година, НАСА го лансираше својот сателит за набљудување на лунарниот кратер во јужниот пол на Месечината со брзина од 9.000 км/ч, ослободувајќи материјал што им овозможи на научниците да ги откријат клучните знаци на воден мраз. НАСА, исто така, намерно ги исфрли ракетите Сатурн V што се користеа за мисиите „Аполо“, истрелувајќи ги во Месечината.

Поддржете ја нашата работа: