Истражување – Како е создадено „срцето“ на Плутон/

pixabay

Огромен облик во вид на срце на површината на Плутон ги заинтригира научниците откако вселенското летало „Нови хоризонти“ го сликаше во 2015 година. Истражувачите мислат дека ја решиле мистеријата за неговото создавање и дека може да обезбедат нови информации за далечното минато на планетата џуџе.

Срцевидниот белег се нарекува „Регион Томбо“ во чест на астрономот Клајд Томбо, кој го открил Плутон во 1930 година. Сепак, срцето не е само еден елемент. Со децении не се објаснети деталите во врска со неговата височина, геолошки состав и необична форма, како и високо рефлектирачката површина која е посветла од остатокот на Плутон, пишува CNN.

Длабокиот слив наречен долина Спутник, кој го формира „левиот лобус“ на срцето, содржи голем дел од азотниот мраз на Плутон. Тој слив е со димензии 1.200×2.000 километри, што е околу една четвртина од големината на Соединетите Држави, но има и 3-4 километри пониска височина од поголемиот дел од површината на Плутон. Во исто време, има и слој од азотен мраз на десната страна на срцето, но многу потенок.

Ново истражување сугерира дека „срцето“ е создадено од некој катаклизмичен настан. Преку анализа која вклучуваше нумерички симулации, истражувачите заклучија дека планетарно тело со дијаметар од околу 700 километри (приближно двојно поголемо од Швајцарија од исток кон запад) се судрило со Плутон на почетокот на историјата на џуџестата планета.

Репродукција на ударот

„Симулациите покажаа дека планетарното тело веројатно косо го погодило Плутон. Јадрото на Плутон е толку студено што карпестото тело кое се судрило со џуџестата планета останало многу цврсто и не се стопило и покрај топлината при ударот“, вели д-р Хари Балантин од Универзитетот во Берн.

Меѓутоа, што се случи со планетарното тело откако удрило во Плутон? Некаде под Спутник се наоѓа остаток од јадро на друго масивно тело, кое Плутон не го „претопил целосно“, вели проф. Ерик Асфог од Месечевата и планетарна лабораторија на Универзитетот во Аризона.

Нејасното формирање на Плутон

Додека го истражуваа обликот на „срцето“, научниците се фокусираа и на внатрешната структура на Плутон. Судир во почетокот на историјата на Плутон би создал масовен дефицит, предизвикувајќи Спутник полека да мигрира кон северниот пол со текот на времето додека планетата сè уште се формирала. Тоа е затоа што сливот е помалку масивен од неговата околина, според законите на физиката. Сепак, Спутник е блиску до екваторот.

Претходните истражувања сугерираа можен океан под површината на Плутон, така што ледената кора над тој океан би била потенка во регионот на Спутник, создавајќи испакнатост на течна вода и предизвикувајќи масата да се помести кон екваторот. Новото истражување, сепак, нуди поинакво објаснување.

„Во нашите симулации, целата исконска обвивка на јадрото на Плутон е поместена од ударот и кога јадрото на ударното тело паѓа на јадрото на Плутон, се создава дополнителна локална маса што може да ја објасни миграцијата кон екваторот без подземен океан“, вели д-р Мартин Џузи од Институт за физика, Универзитетот во Берн.

Потеклото на Плутон останува нејасно бидејќи се наоѓа на работ на Сончевиот систем и само одблизу е проучен од мисијата Нови хоризонти.

„Може да се истражи само со испраќање вселенско летало во орбитата околу Плутон, потенцијално со систем што може да снима низ мразот“, вели Сингер.

Поддржете ја нашата работа: