Во Шангај денеска почна да се користи првата вдишлива вакцина против коронавирусот, а таа ќе биде бесплатна засилена доза за луѓето кои веќе се вакцинирани, се вели во соопштението на кинеските здравствени власти. Вакцинацијата против коронавирусот не е задолжителна во Кина, но властите сакаат што е можно повеќе луѓе да добиваат дополнителни дози пред да се олеснат строгите ограничувања, бидејќи мерките за борба против пандемијата ја забавуваат економијата во време кога остатокот од светот го укина најголемиот дел од мерки.
Во видеото објавено на интернет од кинеската државна медиумска компанија, може да се видат како држат кратка пумпа до устата, го вдишуваат лекот и го задржуваат здивот пет секунди. Новата технолошка вакцина би можела да заштити од вирусот дури и пред да стигне до остатокот од респираторниот систем, иако тоа делумно ќе зависи од нивото на изложеност на вирусот. Во септември, Кина ја одобри вакцината развиена од нејзината компанија „CanSino Biologics“ како дополнителна доза.