Колку е важен контактот со очите за развојот на говорот кај детето?

Истражувачите од неколку британски универзитети, предводени од д-р Ед Донелан од Универзитетот во Шефилд, ги набљудуваа вокализациите, гестовите и изгледот на 12-месечните бебиња, како и одговорите на нивните негуватели. Во една студија објавена во списанието Developmental Science, авторите тврдат дека контактот со очите и изразот на гласот се од големо значење за идниот развој на говорот кај детето.

Затоа, велат дека резултатите од студијата треба да ги охрабрат родителите и старателите да посветат поголемо внимание на секој обид на бебето да комуницира пред да може да користи зборови и секогаш да одговараат на тие обиди.

„Вакви работи никогаш порано не биле видени во истата анализа“, вели Донелан.

За да ги измерат интеракциите, истражувачите снимија бебиња и родители или старатели дома и ги замолија да си играат како што обично прават.

„Потоа ги однесовме тие снимки на Универзитетот и детално кодиравме што се случува. Обрнувавме внимание секојпат кога новороденче ќе каже нешто, или гестикулира, и ги кодираме сите одговори на нивните старатели“, вели професорката Мишел Мекгилион од Универзитетот во Ворвик.

Негувателите потоа пополнија прашалник дали нивните деца можат да изговараат одредени зборови поврзани со животни, дневна рутина и храна. Конечно било откриено дека најдобриот предвидувач на вокабуларот на возраст од две години е односот помеѓу едногодишното бебе и родителот или старателот: важно е бебињата да користат вокализација гледајќи ги своите старатели. Придобивките се уште поголеми кога бебињата добиваат повратни информации од старателите, вели тимот на д -р Донелан.

Статистиката покажува дека на возраст од 19 месеци, децата во просек користат околу 100 зборови. Меѓутоа, децата кои имале горенаведена интеракција на возраст од околу една година, на возраст од 19 месеци, знаеле во просек околу 30 зборови повеќе од нивните врсници.

„Ова ни кажува дека бебињата се обидуваат да комуницираат дури и пред да ги кажат своите први зборови. Кога го прават тоа, им даваат шанса на негувателите да одговорат, а кога ќе го сторат тоа, се чини дека учењето зборови се подобрува“, вели Донелан.

Мекгилион се надева дека оваа студија може да поттикне слични студии на различни возрасти на детето.

„Ова е момент во развојот на детето во првата година од животот, но децата постојано растат и се менуваат, исто како и нивното однесување. Би било интересно повторно да се погледнат ваквите однесувања во втората година од животот за да се види што се случува таму“, заклучува Мекгилион.

Поддржете ја нашата работа: