(ВИДЕО) Конкорд: Како започна и зошто е приземјенa гордоста на суперсоничното патување

Легендарниот Конкорд беше во употреба во годините помеѓу 1976 и 2003 година. Неговото име секогаш се поврзуваше со луксуз, гламур и брзина. Едноставно кажано, беше икона на цивилното воздухопловство.

Но, зошто денес овој авион со специфичен изглед не е во употреба? Време е да ја дознаеме вистината што се случи со првиот суперсоничен патнички авион во светот.

Проект – Конкорд

Во 1947 година пилотот Чак Јегер го проби звучниот ѕид, поставувајќи нова парадигма околу тоа што може да се постигне меѓу облаците. Идејата постепено почна да се раѓа…

Потенцијалот за комерцијални летови беше очигледен. Рутите како што е прелетот на Атлантикот со суперсонична брзина би траеле приближно половина од времето потребно на млазните авиони. Со едно такво летало патувањето од Њујорк до Лондон би траело само три часа.

Франција и Велика Британија се здружија, потпишаа „конкорд“ – или договор и тоа име ѝ го дадоа на заедничката идеја. Создавање на првиот суперсоничен патнички авион! Концептот е направен во 60-тите години на минатиот век, а очекувањата ќе бидат тој да ги обедини нациите.

За дизајнот беа одговорни BAC (британска авионска корпорација) и Aérospatiale, заедно со Ролс Ројс и SNECMA (Société Nationale d’Étude et de Construction de Moteurs d’Aviation).

Дизајнерите на Конкорд имаа чувство за иновации

Конкорд стана посебен по многу нешта. Една од карактеристиките на леталото беше препознатливиот нос, на кој сѐ уште многумина се сеќаваат кога ќе се спомене името на овој авион. Тој можеше да се спушти, овозможувајќи им на пилотите максимална видливост на пистата, а потоа и да се крене, обезбедувајќи елегантни и аеродинамички резултати.

Го придвижуваа четири турбо мотори „Олимпус 593 турбоџет“, создадени во халите на Ролс Ројс и SNECMA.

Конкордот долг 200 метри од толпата го издвојуваше и двојното делта, или триаголно крило. Неговата форма се покажа како клучна во справувањето со барањата за кршење на звучната бариера.

Интересното инженерство наведува дека Конкорд бил првиот авион што го контролирал внесот на воздухот во моторот преку компјутер.

Авионот можеше да развие максимална брзина од 2,4 Маха, (3.000 kм/ч) што е повеќе од  двојно од брзината на звукот.

Но, иако целокупниот дизајн беше брилијантен, Конкорд доживеа бројни тешкотии да остане во воздухот. Теоријата е одлична, но практиката има „табиет“ да ги приземјува фантазиите.

Иновативното инженерство сепак не овозможи овој авион да стане ефикасен потрошувач на гориво. Нафтената криза од 1973 година, три години пред да започнат проблемите за Конкорд, доведе до зголемување на цените на билетите.

Атрактивното патничко летало не успеваше да оствари профит во текот на децениите што следуваа. Конкорд навидум беше изграден повеќе поради ексклузивност отколку за ефикасност. Авионот располагаше со 100 седишта, малку, но прилично скапи за редовно патување.

Првичниот интерес за ова летало, кој во почетокот го пројавија повеќе компании, беше намален на само две големи имиња – Бритиш ервејс и Ер Франс. Тие откупија по седум Конкорди од вкупно 20 конструирани.

Иако авионот обезбедуваше висок стандард на лет, имаше и еден проблем –  преголемата бучава. Дури и жителите во близина на аеродромите се жалеа на вревата, бидејќи авионите полетуваа и слетуваа од урбани локации, како лондонскиот аеродром Хитроу.

Се урна летот 4590 на „Ер Франс“

И како да не беа доволно постоечките финансиски проблеми…25-ти јули 2000 година е денот испишан со црни букви во оваа сторија.

Париз, Конкорд на Ер Франс, лет 4590… Авионот се запали додека полетуваше од аеродромот Шарл де Гол и се урна во предградието Гонесе. Животот го загубија 113 лица.

Што го предизвика пожарот? Наводно, пукнала гума и се отворил резервоар за гориво. Дизајнот беше променет, но флотата беше приземјена. Иако тоа требаше да трае до 2003 година, Конкордот до денес не полета. Според многумина, оваа страшна несреќа не го уништи Конкорд, но на неа се гледа како фактор што придонесе за неговото затворање.

Ако несреќата во 2000 година не го донесе крајот на Конкорд, тогаш што го направи тоа?

Како што забележуваат „Интересен инженеринг“ и други извори – Конкорд беше пред времето, а се соочи со проблеми од 20 век. Трошеше многу гориво, беше непријатно да се слуша, а клиентелата иако беше престижна, ја имаше во мал број.

„Бизнис инсајдер“ додава дека згора на сѐ се случило и вртоглаво зголемување на трошоците за одржување. Сево ова на куп, било аларм дека проектот е финансиски неодржлив и неоправдан! Авионите останаа во хангарите.

Многумина сѐ уште се надеваат дека суперсоничното патување повторно ќе се заживее во некоја форма. Но, дали ќе се појави нешто добро и незаборавно како Конкорд? Се сомневаме…

Поддржете ја нашата работа: