Коски стари 3.000 години ја откриваат најстарата жртва на напад од ајкула!

Ризикот од напад од ајкула сѐ уште се споменува како сериозна опасност по животот. Историјата забележала дека трагедии поради напад од ајкула носела животи уште многу одамна, но тим археолози деновиве конечно разреши мистерија врежана во коските на скелет на човек кој умрел пред 3.000 години и тоа токму како резултат на напад од ајкула. Воедно ова е најстар скелет на кој може да се забележат докази од напад на овој морски предатор.

Коските, пронајдени од археолошкото наоѓалиште кај мочуриштето Цукумо близу до морето Сето, за првпат биле ископани на почетокот на 20 век н.е., но објаснувањето за повредите останало недокажано.

Според анализата на неговите коски, човекот имал особено непријатна средба во морето кај јапонскиот архипелаг. На неговиот скелет се регистрирани безмалку 800 рани, од кои ниту една не покажува знаци на заздравување – сугерирајќи дека средбата била фатална.

“Првично бевме збунети од тоа што би можело да предизвика најмалку 790 длабоки, назабени повреди кај овој човек. Имаше толку многу повреди, а сепак беше погребан во гробиштата во Цукумо Шел”, изјавиле археолозите.

“Повредите главно беа ограничени на рацете, нозете и предниот дел на градниот кош и стомакот. Преку процес на елиминација, ние исклучивме човечки конфликт и почесто пријавени предатори”, додаваат истражувачите.

Лезиите на коските на човекот, познат само како Цукумо бр. 24, останале мистерија. Тие биле со остри рабови и закривени, што било доказ дека не се предизвикани со камените алатки што се користеле во тоа време.

Покрај тоа, недостасувале левата рака и десната нога, а левата нога била ставена над телото.

Средби со ајкули ретко се гледаат во археолошките ископини, но се чини дека раните не се совпаѓаат со ниту еден друг вид на животно. Археолозите се обратиле до морскиот биолог Џорџ Бургес, од Програмата за истражување ајкули во Флорида.

„Со оглед на повредите, тој очигледно е жртва на напад на ајкула“, се наведува во извештајот.

“Врз основа на карактерот и распределбата на раните, најверојатно станува збор за напад од тигреста или бела ајкула”, се додава во текстот.

Тимот извршил и биоархеолошки проценки на коските, за да утврди кога живеел бр. 24, да го потврди неговиот пол и да утврди колку години имал за време на смртта.

Според анализата на истражувачите, човекот бил млад до средовечен за време на смртта и живеел околу 1370 до 1010 година пр.н.е. Неговите остатоци биле пронајдени кратко по средбата со ајкулата и закопани на гробиштата на неговиот народ.

Истражувачите веруваат дека човекот умрел доста брзо. Со оглед на бројот на каснувања што достигнуваат сѐ до коските, неговите феморални артерии биле прекинати, што резултирало со брза смрт од хиповолемичен шок, што се случува кога телото брзо ќе изгуби најмалку една петтина од крвта.

„Луѓето имаат долга, споделена историја со ајкулите, и ова е една од релативно ретките случаи кога луѓето биле на нивното мени, а не обратно“, се наведува во истражувањето објавено во Journal of Archaeological Science: Reports.

Поддржете ја нашата работа: