Мајмуни од Сан Диего вакцинирани против коронавирусот

Неколку големи мајмуни од зоолошката градина во Сан Диего добија експериментална вакцина против коронавирус. Вакцината е создадена специјално за животни, откако се открило дека неколку мајмуни биле заразени.

Четири орангутани и пет бонобоа добиле по две дози од вакцината произведена од ветеринарната фармацевтска компанија „Зоетис“, пренесува Би-Би-Си.

Осум горили во зоолошката станаа првите мајмуни во светот чии тестови за коронавирус беа позитивни. Тестирањето беше спроведено во текот на јануари, а мајмуните во моментов се опоравуваат.

Конзерватористите се загрижени за заканата што КОВИД-19 ја претставува за мајмуните, особено за горилите кои се наведени во Црвената листа на IUCN како критично загрозен вид.

Меѓу орангутаните кои ја примиле вакцината е и женката Карен, која воедно е и првиот орангутан во светот што е подложен на операција на отворено срце. Операцијата беше успешно извршена во 1994 година.

Случаи на инфекција со вирусот се откриени и кај животни од други зоолошки градини, вклучувајќи лавови и тигри од зоолошката градина Бронкс во Њујорк.

Поддржете ја нашата работа: