Научниците веруваат дека го пронашле потеклото на црната чума, повеќе од 600 години откако оваа болест убила десетици милиони луѓе во Европа, Азија и северна Африка. Пандемијата од средината на 14. век се смета за една од најголемите здравствени катастрофи во човечката историја, но и покрај долги години истражувања, научниците не успевале да откријат каде почнала.
Новите анализи сугерираат дека тоа било во Киргистан во централна Азија во 1330-ите.
Шкотски и германски научници анализирале древни примероци на ДНК од заби од скелети од гробишта близу езерото Исјук Кул во Киргистан. Тие ја избрале областа откако забележале дека таму имало значителен пораст на погребувањата во 1338 и 1339 година.
Чума е потенцијално смртоносна болест предизвикана од бактерија која живее во некои животни, главно глодари. Бубонска чума е најчестата форма на болеста, а историски се нарекува и црна смрт.
Пандемијата на црната чума траела од 1346 до 1353 година, при што починале меѓу 75 и 200 милиони луѓе.