Научниците тврдат дека Црната смрт ја преобликувала човечката еволуција и дека сè уште влијае на нас – НЕГАТИВНО

Генот кој некогаш ни помагаше да се бориме против чумата и денес влијае на нашето здравје, иако не на начинот на кој повеќето очекуваат.

ЦРНАТА СМРТ СЕ СМЕТА за една од најсмртоносните болести, која ја завила цела Европа во црно во Средниот век. Проценките се дека во текот на седум века, околу 200 милиони луѓе умреле од неа, што ги навело научниците да помислат дека тоа мора многу да влијаело на човечката еволуција. Затоа решиле да земат ДНК примероци од забите на 206 починати од масовните гробници на починати од чума.

Она што ни помогна да преживееме – сега нѐ убива

Речиси половина од луѓето во Европа умреле во средината на 14 век од чума, а новата студија која ја анализирала ДНК од скелети од неколку различни локации, идентификувала мутации кои му помогнале на населението да ја преживее смртоносната болест. Меѓутоа, истражувачите сега утврдиле дека генските мутации се поврзани со појавата на одредени болести во современото општество.

Улогата на гените е да произведуваат протеини кои ќе му овозможат на имунолошкиот систем да ги препознае и неутрализира непријателите во нашето тело. Бидејќи доаѓаат во различни верзии, најсреќните наследиле копии од родителите кои успешно ја извршуваат својата функција. Со други зборови, оние кои ја преживеале чумата им пренеле корисни мутации на своите потомци и со тоа ја зголемиле стапката на преживување за цели 40 проценти.

Откако научниците предводени од Луис Бареиро од Универзитетот во Чикаго извадија ДНК од скелетите, утврдија кои гени им помогнале на луѓето и нивните директни потомци да ја преживеат чумата. Потоа ја користеле бактеријата предизвикувач – Yersinia pestis – за истражувачки цели. Резултатот потврди дека и денес тие мутации отпорни на чума се почести отколку пред Црната смрт.

Единствениот проблем е фактот што генот ERAP2, кој им помогнал во тоа, е поврзан со појавата на автоимуни болести како што е Кронова болест на цревата кај современите луѓе. Затоа, научниците забележуваат дека разбирањето на динамиката што го обликувала човечкиот имунолошки систем низ вековите е клучно за разбирање на нашата подложност на болести во модерното време.

Резултатите од студијата се објавени во списанието Nature.

Поддржете ја нашата работа: