Најфасцинирачки археолошки откритија во 2021 година

Најстарата мапа во Европа, „Изгубениот златен град“ во Египет и масивниот геоглиф во Индија, кој можеби е најголем во светот, се само некои од археолошките откритија кои беа пријавени во 2021 година. И покрај сите проблеми поврзани со тековната COVID-19 пандемија, научниците дојдоа до бројни откритија, а во ова набројување ЕНаука ги разгледува некои од најдобрите историски и археолошки приказни за 2021 година.

Масивниот геоглиф во Индија, веројатно најголемиот на светот, пронајден е во пустината Тар, на површина од околу 20 хектари, во близина на границата на Индија со Пакистан. Се состои од неколку спирали и змијовидна линија.

Пешачењето по линиите на геоглифот би овозможило патување од 30 милји (48 километри). Се проценува дека геоглифот датира околу 150 години, но неговата намена е нејасна. Геоглифот е тешко забележлив од земја, а првпат беше откриен од тим научници кои го анализираа пејзажот со помош на Google Earth.

Изгубениот Златен град

Археолозите открија град во близина на Луксор (древна Теба) во Египет. Градот бил познат како „Подемот на Атен“ и бил основан од фараонот Аменхотеп III, кој владеел помеѓу 1391 и 1353 п.н.е. Градот содржи бројни куќи, административни згради, голема пекара, производствен простор за тули и неколку погребни делови. Историските документи сугерираат дека Аменхотеп III имал три кралски палати во градот, а археолошките ископувања се во тек.

Постоењето на градот е познато од историските записи, но беше откриен дури оваа година. „Многу странски мисии го бараа овој град и никогаш не го најдоа“, рече Захи Хавас, поранешен државен министер за антиквитети и археолог кој ги водеше ископувањата на Златниот град, во преведената изјава.

Римско „Распетие“

Во Кембриџшир, Велика Британија, археолозите пронајдоа тело на маж кој бил распнат на крст кога имал помеѓу 25 и 35 години. Пронајден е клинец прободен низ барем една од неговите коски на петицата, а дополнително за време на распнувањето неговите раце биле врзани за крст.

Погребот датира од третиот или четвртиот век и човекот можеби бил роб. Многу малку примери на распнување се пронајдени од Римската империја во археолошките ископувања.

Најстарата мапа во Европа

Серијата гравури на камена плоча стара 4.000 години, откриена во Франција, е всушност најстарата мапа во Европа, открија истражувачите. Плочата има серија линии што ја претставуваат реката Одет и нејзината околна долина во западна Франција – површина од околу 18,6 милји на 13 милји (30 километри на 21 км), велат истражувачите.

Камената плоча всушност била пронајдена во 1900 година. Една неодамнешна студија на гравурите, која користела фотограметрија за да создаде многу детална 3D слика на плочата, откри дека гравурите формираат мапа. Можеби го користел некој принц или крал за да ја илустрира територијата со која владееле.

Прегратката на античките љубовници

Пред околу 1.500 години, пар – маж и жена – биле погребани заедно во љубовна прегратка. Кога археолозите ги пронајдоа нивните останки, прегратката сè уште била „цврста“ и покрај текот на времето.

„Ова е првата двојка пронајдена во љубовна прегратка“, рече водечкиот истражувач на студијата, Киан Ванг, вонреден професор на Катедрата за биомедицински науки на Стоматолошкиот колеџ во Тексас.

Мажот бил на возраст од 29 до 35 години и имал неколку повреди, меѓу кои скршена рака и исчезнат прст на десната рака. Жената била на возраст од 35 до 40 години и без очигледни повреди. Истражувачите шпекулираат дека по смртта на мажот жената можеби се самоубила.

Најстарите гробишта за домашни миленичиња

Во Береника, пристаниште на брегот на Црвеното Море во Египет, откриени се гробишта стари 2.000 години, кои можеби се најстариот познат пример во светот. Животните закопани на овие гробишта се чини дека умреле од природна смрт и биле третирани со љубов. На други места во Египет каде има погребувања на животни, животните често биле жртвувани.

На гробиштата за домашни миленици, археолозите пронашле различни животни, вклучително и големо куче кое било завиткано во лисја од палми. Тие, исто така, вклучуваат кучиња и мачки без заби кои биле многу стари кога умреле и можеби барале помош од нивните сопственици за да јадат.

„Нашето откритие покажува дека ние луѓето имаме длабока потреба од дружење со животните“, вели водечкиот истражувач Марта Осипињска, зооархеолог од Полската академија на науките во Варшава.

Парада стара 11.000 години

Праисториски локалитет во Турција стар 11.000 години, кој сега се нарекува Карахантепе, се користел за праисториска парада на која луѓето минувале низ зграда во која имало столбови во форма на фалус и човечка глава.

„Сите столбови се подигнати и обликувани како фалус“, напиша Нечми Карул, професор по праисториска археологија на Универзитетот во Истанбул, во трудот објавен во списанието Türk Arkeoloji ve Etnografya Dergisi. Објектот е дел од поголем комплекс. Ископувањата на локалитетот започнаа во 2019 година и сѐ уште се во тек.

Локалитетот датира во слично време како и Гобекли Тепе, уште еден археолошки локалитет кој има големи згради и резби од животни и човечки глави. Двата локалитета се две од најстарите познати монументални локалитети изградени од луѓе.

Најстариот воен споменик

Гробница стара 4.300 години во Сирија, на местото Тел Банат, можеби е најстариот познат воен споменик во светот, велат археолозите. Содржи трупови на најмалку 30 воини со коњи. Археолозите открија дека војниците со коњи обично се групирани во различни области, како да се дел од различни единици. Античките натписи во Месопотамија споменуваат како телата на воините биле организирани во високо организирана структура.

image description

Луѓето кои живеат во оваа област во денешно време ја нарекуваат „бел споменик“ затоа што гипсот на споменикот блеска на сончева светлина, пишуваат археолозите. Откритието покажува „дека древните луѓе ги почитувале оние што биле убиени во битка, исто како и ние“, изјавил Ен Портер, професор по древни цивилизации на Блискиот Исток на Универзитетот во Торонто и еден од истражувачите во студијата.

Човек Змеј

Научниците во Кина објавија дека откриле нов човечки вид кој го нарекуваат Хомо Лонги што значи „Човек змеј“. Черепот бил пронајден во 1933 година, но скриен во бунар за време на јапонската окупација на Кина, каде што останал 85 години додека не бил повторно откриен и проучен.

Студиите сугерираат дека Човекот змеј можеби е најблискиот сроден вид на хомо сапиенсот. Не е јасно кога точно се појавил за прв пат и кога исчезнал, но самиот череп датира некаде помеѓу 309.000 и 138.000 години.

Некои научници се прашуваат дали човекот змеј е всушност нов човечки вид.

Поддржете ја нашата работа: