Недоразбирање кое однесе 180 животи: Како се случи најголемата трагедија во историјата на авијацијата на екс ЈУ

Пред 40 години се случи најтешката несреќа на југословенското воздухопловство

На првиот ден од декември 1981 година, пред полни 40 години, на Корзика се урна авион на Инекс-Адриа од Љубљана, при што загинаа 180 луѓе. Ниту еден патник или член на екипажот не ја преживеа оваа страшна несреќа. Тоа беше најголемата катастрофа на југословенското воздухопловство. Супер авионот DC9-80 удри во планината Сан Пјетро, ​​на околу 30 километри од корзиканскиот главен град Ајачо, додека кружел, чекајќи дозвола за слетување.

Според француски извори, можен извор на несреќата наводно е недоволно опремена радарска служба на аеродромот во Ајачо. Несреќата најверојатно се должи и на недоразбирање во комуникацијата меѓу екипажот и контролата на летот. Авионот во 7.52 часот утрото удрил со левото крило во планината Сан Пеиро на височина од 1.364 метри и така оштетен поминал уште 700 метри. Потоа удрил во рид и се урнал. Доколку авионот летал само два метра над врвот на Сан Пјетро, ​​катастрофата ќе била избегната. Спасувачите успеале да се пробијат до местото на несреќата дури околу 16 часот.

DC9-80 тогаш беше последниот збор во технологијата, стар само една година, со ознака „супер“. Беше опремен со автоматизирани уреди за летање. Со носивост од 63 тони, досегот му беше 3.300 километри. Тој тип на авион дотогаш немал ниту една несреќа. Патниците биле главно Словенци, бидејќи авионот летал од Љубљана за Корзика. Станува збор за промотивен лет на агенцијата „Компас“, а авионот истиот ден со патниците требало да се врати во Љубљана од Корзика.

Списокот на патници е менуван неколку пати, едни се откажале, а други се допишувале. Меѓу патниците првично биле и Мирослав Церар, прославениот гимнастичар и неговата сопруга Зденка. Но, на едногодишната ќерка Весна ѝ се слошило и по прегледот на лекар било утврдено дека не може да патува, што им го спасило животот на целото семејство. Семејството Церар го слави 1 декември како нов роденден.

Поддржете ја нашата работа: