Потенцијално нов вид жаба што се искачува по дрвјата е откриен во Нова Гвинеја. Интересно е тоа што наместо светло зелената кожа, како нејзините роднини, ова суштество има прекрасна боја на чоколадо.
Пронајденa е на неочекувана локација…
„Она што е малку изненадувачко во врска со ова откритие е тоа што добро познатата зелена жаба, што живее по дрвјата во Австралија, има роднина во низинските дождовни шуми на Нова Гвинеја“, вели филогенетичарот од Универзитетот Грифит и музејот во Квинсленд, Пол Оливер.
„Поради ова ја нарековме новата жаба „Litoria mira“ затоа што зборот Мира на латински значи изненаден или чуден.
Тимот ги истражувал живеалиштата на обичната австралиска зелена жаба, трагајќи низ северниот дел на Австралија и Нова Гвинеја. Најблиску, двете копнени маси се оддалечени само 150 километри и некогаш биле поврзани со копнен мост, кога планетата била поладна, а нивото на морето пониско.
Ова значи дека во минатото имало значително мешање помеѓу видовите во двата региона, а некои, вклучувајќи ја и обичната зелена жаба, живеат и во Австралија и во Нова Гвинеја. Интересно е тоа што живеалиштата се во различни климатски средини, во Нова Гвинеја тие претежно се наоѓаат во дождовната шума, додека во Австралија претежно се наоѓаат во саваната.
Откривањето на нови видови е секогаш возбудливо за научниците и истражувачите сметаат дека овој, новоидентификуван водоземец, може да биде многу пораспространет низ Нова Гвинеја.
„Сепак, бидејќи жабата живее во многу жешки, мочурливи области со многу крокодили, истражувањето нема да напредува брзо“, вели Стив Ричардс од музејот на Јужна Австралија.
Истражувањето е објавено во австралискиот журнал за зоологија.