Дали некогаш ви се случило да скршите некое огледало и после тоа да чувствувате грижа на совест или пак, страв поради старите приказни за несреќата што ќе ве следи, ни помалку ни повеќе, туку цели седум години? Дали тоа се случило намерно или случајно на несреќата не ѝ е гајле. Таа ќе ве следи со големо задоволство на секој чекор уништувајќи го вашиот живот во следните седум години.
На сите оние кои што со критика ќе ги прочитаат овие редови, нашата сторија ќе им звучи интересно и пред сѐ забавно, но оние суеверните, секоја буква ќе ја голтаат со морничав страв.
А, впрочем, како се развило ова суеверие и каде се неговите корени?
Смртници со божествено знаење
„Огледало е површина што ја одбива светлината. Тоа може да биде полирана метална или пак стаклена плоча…“, вели дефиницијата за огледалото. Денес е мошне едноставно да се изработи, но не било од секогаш така. Многу одамна на земјата постоеле луѓе со различни занаети, мудро скривајќи ги од другите своите тајни.
Една од таквите умешности било изработката на огледала. Мајсторијата за изработка на огледалата датира уште од времето на старите Египќани и античките Грци, која се пренесла и до средновековните Европејци.
Тие мајстори биле посебно почетувани и ценети, а своите производи ги продавале по мошне високи цени. Во тој сегмент би требало да се бара одговорот на прашањето – дали скршеното огледало навистина носи несреќа?
Секако дека – не, но поради неговата висока цена малкумина имале можност да си го дозволат во своите домови, па кога конечно ќе собереле пари се обидувале на различни начини да го заштитат од кршење.
Верувањето дека несреќата упорно ќе го следи оној што, случајно или намерно, ќе скрши огледало, се верува дека води потекло од старите Римјани кои верувале дека душата се наоѓа затворена во огледалото. Па така, ако се скрши огледалото, ќе се оштети и душата, за чија обнова биле потребни седум години.
Ваквите верувања успеале да се задржат и до денес, а приказната за духовите што ноќе, под одредени околности може да ги забележите во огледалото, ќе ја оставиме за некоја следна прилика.