Холандија доби нова соларна велосипедска патека

Властите на централната холандска покраина Утрехт, ја отвориле „најдолгата соларна велосипедска патека во светот“, поврзувајќи одржлив извор на енергија со транспорт без загадување.

Учениците од локалното основно училиште први се возеле по патеката, долга 330 метри која се наоѓа во селото Маартенсдијк во близина на Утрехт. Патеката се состои од блокови од готов бетон, прекриени со тенок проѕирен слој кој штити и овозможува продор на сончевата светлина до соларните ќелии во бетонските блокови.

Пилот – проектот има за цел да утврди дали таквите патеки со двојна намена можат да бидат во широка употреба, со оглед на заложбите на покраината Утрехт да ја намали емисијата на јаглерод диоксид.

„Сакаме да бидеме климатски неутрални до 2040 година, а ова е многу иновативно. Нашата покраина е многу густо населена, а има малку простор, па затоа мора да се испроба оваа двојна намена на инфраструктурата“, вели Арна Шаделе, претставник од покраината.

Соларната велосипедска патека беше отворена на денот кога Европската Унија ја објави сеопфатната нова регулатива за исполнување на ветувањето за намалување на емисиите на стакленички гасови кои предизвикуваат глобално затоплување за 55 отсто во текот на оваа деценија.

Соларните велосипедски патеки веќе се користат и на други места во Холандија, но оваа е најдолга досега, соопштија официјални лица од покраината.

Поддржете ја нашата работа: