Чипираниот мајмун одигра видеоигра со помош на неговите мисли

Новото видео објавено од страна на компанијата Neuralink покажува мајмун како игра Понг користејќи го својот ум и специјален интерфејс за мозокот да комуницира со компјутер.

Neuralink е компанија за невротехнологија чиј сопственик е Елон Маск која овозможува со помош на електроди лоцирани во делови на мозокот, да се поврзе со компјутер, роботи, па дури и со мобилни уреди, пишува Bleeping Computer.

Тие електроди се користат за бележење мозочни активности додека лицето се занимава со друга работа или покажува емоција.

Во триминутното видео е прикажан мајмун на кој му се вградени чипови на секоја страна од мозокот и со помош на мислите ја игра видеоиграта Mind Pong.

„Првиот производ на Neuralink ќе им овозможи на луѓето со парализа да контролираат паметен телефон побрзо отколку што некој може да ги користи прстите“, објави вчера Маск на Twitter.

Neuralink ги евидентира и декодира електричните сигнали од мозокот на мајмунот користејќи две илјади електроди вградени во делот на мозокот што ги координира движењата на рацете.

Компанијата е основана во 2016 година во Сан Франциско, а нивниот план е да всадат безжични чипови во мозокот за да се помогне во лекувањето на невролошки состојби како што се Алцхајмеровата болест и деменција и да го поврзе човештвото со вештачката интелигенција.

Поддржете ја нашата работа: