Американската влада повеќе не препорачува дневна доза на Aспирин за луѓе над 60 години

Експертскиот комитет на американската влада соопшти дека повеќе не препорачува дневна доза на аспирин за да се намали ризикот од срцев удар и мозочен удар кај луѓе постари од 60 години, објави француската новинска агенција АФП.

Луѓето на возраст меѓу 40 и 59 години кои се изложени на поголем ризик за развој на кардиоваскуларни заболувања, но немаат историја на таа болест, треба да се консултираат со својот лекар и да донесат индивидуална одлука дали да започнат со земање на лекот.

Од 2016 година, за постарите лица беше препорачана дневна доза на Аспирин

Оваа изјава претставува голема пресвртница во американската медицинска област, каде секојдневната употреба на аспирин е широко распространета практика.

Лекот ја разредува крвта, го спречува формирањето на згрутчување на крвта и го намалува ризикот од срцев удар или мозочен удар.

Од 2016 година, Работната група за превенција, владиниот медицински експертски комитет, препорача дневна доза на аспирин за луѓето во педесеттите години кои имаат 10 проценти поголем ризик од срцев удар или мозочен удар во следните 10 години.

Но, пред неколку години, студиите ги доведоа овие препораки во прашање.

Во вторникот, експертите рекоа дека придобивките од аспиринот не се доволни за да се балансира зголемениот ризик од крварење, особено во мозокот или цревата, кај постарите лица.

„Секојдневната употреба на аспирин може да помогне во спречување на срцев удар и мозочен удар кај некои луѓе, но исто така може да предизвика потенцијално сериозна штета, како што е внатрешно крварење“, рече членот на работната група, Џон Вонг.

„Важно е за луѓето кои се на возраст од 40 до 59 години и немаат историја на срцеви заболувања да разговараат со својот лекар за да одлучат заедно дали е добро за нив да започнат да земаат аспирин.

Новите препораки не се конечни

Овие нови препораки сѐ уште не се конечни. Тие ќе бидат отворени за јавна дискусија до почетокот на ноември.

Тие исто така не се однесуваат на пациенти кои земаат аспирин по мозочен удар или срцев удар, се вели во соопштението.

Земањето аспирин за да се намали ризикот од срцеви заболувања е често спонтана одлука на многу Американци.

Според една студија од 2017 година, 23 проценти од возрасните на возраст од 40 години и постари кои немаат кардиоваскуларни заболувања земале аспирин како превентивна мерка, од кои 23 проценти го направиле тоа без препорака од доктор.

Поддржете ја нашата работа: