„Инстаграм“ полека го надминува „Твитер“ како извор на вести

Инстаграм полека го надминува Твитер како извор на вести, особено меѓу младите, покажува извештајот за 2020 на Институтот за дигитални вести Ројтерс. Во него се наведува дека употребата на Инстаграм за вести е двојно зголемена од 2018 година.

Речиси четвртина од младите луѓе на возраст меѓу 18 и 24 години од Велика Британија го користат Инстаграм како извор на вести за коронавирусот.

За време на пандемијата, луѓето се свртеле повторно кон традиционалните извори на вести, вклучително и телевизијата за да се информираат. Но, и на социјалните медиуми, исто така, има покачување. Дваесет и четири проценти изјавиле дека добиваат вести за пандемијата од Ватсап. Во Соединетите држави, 26 проценти изјавиле дека користеле Инстаграм за да добијат вести за коронавирусот.

Инстаграм сега достигнува 11 проценти од луѓето на глобално ниво за вести секоја недела, споредено со 12 проценти на Твитер. Фејсбук сè уште владее на пазарот за вести на социјалните мрежи, со 36 проценти, а потоа следува Јутјуб во сопственост на Гугл со 21 процент.

Сепак, социјалните мрежи се меѓу изворите во кои испитаниците имаат најмалку доверба, односно само 26 проценти од луѓето изјавиле дека им веруваат на социјалните мрежи како извор на информации за вирусот.

Поддржете ја нашата работа: