Вештачката интелегенција почнува да ги „заменува“ новинарите

Веќе подолго време вештачката интелегенција се користи во најголемите интернет медиуми иако на почетокот со незначително учество сепак во последно време нејзината употреба опфаќа сериозни размери и истото е најчесто корпоративна тајна.

Најновата информација од овој сектор е тоа што светскиот гигант „Мајкрософт“ отпушта скоро стотина новинари и уредници во нивните сервиси „МСН“ и „Мајкрософт Њуз“ како дел од поголем проект вештачката интелигенција да го преземе управувањето и изборот на вестите и содржините на овие платформи.

Американските медиуми пренесуваат дека околу 50 работници се отпуштени во САД, а дополнителни 27 во Велика Британија. Најголемиот дел од отпуштените новинари биле ангажирани на изборот на вести и стории како дел од дивизијата SANE (пребарување, реклами, вести, Еџ) на Мајкрософт.

„Како сите компании, редовно го евалуираме нашиот бизнис. Ова може да резултира со инвестиции на некои места и од време на време префрлање на други места. Овие одлуки не се резултат на моменталната пандемија“, наведуваат во соопштение до јавноста од компанијата.

Иако од Мајкрософт велат дека отпуштањата не се поврзани со кризата околу коронавирусот, сепак низ целиот свет медиумските бизниси се силно погодени од намалените приходи од реклами.

Мајкрософт веќе 25 години се наоѓа во бизнисот со вести откако го промовираше „МСН“ во 1995 година. На промоцијата на „Мајкрософт Њуз“ пред скоро две години, тогаш компанијата откри дека имаат преку 800 новинари и уредници кои работат на 50 локации низ целиот свет.

Мајкрософт веќе подолго време постепено се префрла кон вештачката интелигенција за работата на „Мајкрософт Њуз“ и ги охрабруваше и писателите и новинарите да ја користат оваа технологија. Мајкрософт ја користи вештачката интелигенција за скенирање на содржините, по што потоа ги обработува и ги филтрира, дури сугерирајќи и фотографии за уредниците да го комплетираат текстот.

Поддржете ја нашата работа: