Мистериозни камени топчиња пронајдени во античка гробница, научниците збунети – за што ли служеле?

Две полирани камени топчиња обликувани пред околу 5.500 години се откриени во древна гробница на островот Сандеј, северно од брегот на Шкотска. Едното од нив е изработено од црн камен, а другото од бел варовник. Истражувачите не можат да се согласат дали тие биле користени како оружје или пак, како орнаменти со кои се означувал статусот во општеството.

„Им требало многу време за да ги направат. Каменот се полира тешко. Процесот се изведува со песок, малку вода и ситни камчиња“, вели археологот Вики Камингс.

Ова е едно од ретките случаи кога камени топчиња се пронајдени во нивниот вистински археолошки контекст, додава Камингс појаснувајќи дека секое од нив било пронајдено во аглите на две различни прегради што се користеле за собирање на човечките остатоци во гробницата.



Инаку, островот е преполн со археолошки локалитети, некои од нив одамна се ставени на листата за заштита на УНЕСКО, како комплексот Нес Бродгар и неолитското село Скара Брае, што сугерира дека тој бил густо населен пред околу 5.000 години.

Античката гробница е во близина на брегот и е подложна на нарушување од бурите, па истражувачите се обидуваат да откријат што е можно повеќе пред да ги оштети местото.

Иако гробницата била испитувана и во 1980 -тите, биле направени само површни ископувања кои не ја откриле нејзината старост.

За време на најновите ископувања, тимот ги применил најновите археолошки техники, вклучително и правење тридимензионален фотограметриски модел.

Археолозите се надеваат дека истражувањата што ќе следат ќе дадат одговори на повеќе прашања во врска со животот на неолитските луѓе, но и на дилемата – какво било значењето на полираните топчиња оставени во гробницата.

Поддржете ја нашата работа: