Мумијата на „сирена“ од Јапонија е уште почудна отколку што очекуваа научниците

Мумифицираната „сирена“ стара неколку векови, за која научниците неодамна открија дека е составена од делови на различни животни, е уште почудна отколку што се мислеше, покажуваат новите наоди, пренесува Livescience.

Во 2022 година, истражувачите ја открија сирената, долга околу 12 инчи (30,5 сантиметри), поставена во запечатена дрвена кутија во јапонски храм, лоциран во префектурата Окајама. Првично, истражувачите мислеа дека е направена од торзо и главата на мајмун сошиени на телото на обезглавена риба.

Морничавиот хибрид, кој наликува на Нингјо од јапонската митологија – суштество налик на риба со човечка глава кое помага во лекувањето на болести и ја зголемува долговечноста – своевремено бил изложен во храмот за луѓето можат да се помолат пред него. Потоа, пред повеќе од 40 години, бил повлечен и заштитен, за да не се оштети.

Во писмото во кутијата на мумијата се тврди дека примерокот бил фатен од рибар некаде помеѓу 1736 и 1741 година, но најверојатно е создаден неколку децении потоа, како измама за да се продаде на богатите кои сакале да го подобрат своето здравје или да живеат подолг живот.

Истражувачите од Универзитетот за наука и уметност, Курашики, во Јапонија ја земаа сирената на почетокот на февруари 2022 година (со дозвола од свештениците на храмот) и почнаа да го проучуваат морничавиот артефакт користејќи низа техники, вклучувајќи рендген и КТ ( компјутеризирана томографија) скенирање, радиокарбонско датирање, електронска микроскопија и ДНК анализа.

На 7 февруари, тимот конечно ги објави своите наоди, а она што го дознаа за сирената е уште побизарно од очекуваното.

Резултатите покажаа дека торзото на сирената не припаѓа на мајмун, туку е направено претежно од ткаенина, хартија и памук кои се држат заедно со метални жици, поставени од вратот до долниот дел на грбот. Обложено е со компоненти извадени од други животни. Влакна од цицачи и кожа од риба за рацете, рамената, вратот и образите. Вилицата и забите биле земени од риба-грабливка, а нејзините канџи се од кератин, што значи дека најверојатно потекнуваат од вистинско, но  сѐ уште неидентификувано животно.

Долната половина на сирената е тело и опашка од риба.

Истражувачите не се во можност да ја идентификуваат целосната ДНК од сирената, но радиојаглеродното датирање на лушпите покажа дека тие би можеле да датираат уште од раните 1800-ти.

Новата анализа сугерира дека сирената најверојатно е создадена за да ги измами луѓето да веруваат дека Нингјо и нивните наводни лековити способности се реални, оценуваат истражувачите. Сепак, тоа исто така покажува дека измамниците кои стојат зад креацијата, исто така, вложиле многу повеќе напор да го спојат фалсификуваното суштество отколку што се очекуваше.

Има уште 14 „сирени“ кои се пронајдени во Јапонија, а тимот сега се надева дека ќе може да ги анализира и другите за споредба.

Поддржете ја нашата работа: