Одамна загубено парче од Стоунхенџ открива нови детали за исконскиот споменик

Одамна изгубено парче од Стоунхенџ, што го зел човек кој вршел реставраторски работи на споменикот е вратено по 60 години. Toa им даде шанса на научниците за првпат да ѕирнат во внатрешноста на столбот на иконскиот споменик.

Во 1958 година, Роберт Филипс, претставник на компанија за дупчење, што помогнала да се обнови Стоунхенџ, го зел како сувенир цилиндричното јадро извадено од  еден од камените столбови на Стоунхенџ – ‘Столбот 58’. Во меѓувреме стапила во сила забрана за вадење камени јадра од столбовите бидејќи Стоунхенџ добива заштитен статус. Но, кога во 2018 година Филипс решил на својот 90-тти роденден да го врати јадрото, истражувачите добиле шанса да извршат современи геохемиски, анализи, а резултатите ги објавија во нова студија.

„Ги скениравме карпите, примероците ги разгледавме под разни микроскопи и ја анализиравме нивната седименталогија и хемија“, вели водечкиот автор на студијата, Дејвид Неш, професор по физичка географија на Универзитетот во Брајтон, Англија.

Било утврдено дека високите столбови се составени од карпи што содржат седименти формирани уште во времето кога диносаурусите оделе по Земјата. Делови од карпата датираат уште пред 1,6 милијарди години.

Централниот круг столбови на Стоунхенџ бил подигнат за време на неолитот, пред околу 2.500 години. Споменикот бил подигнат во два концентрични аранжмани – внатрешна потковица и надворешен круг.

Кога научниците погледнале низ микроскоп утврдиле дека каменот е 99,7% кварц, кој формирал испреплетен мозаик од ситни кристали. Според истражувачите тоа ја направило карпата потрајна и можеби токму тоа било  причината што градителите го избрале тој тип карпа за нивниот споменик пред илјадници години.

“Овие карпи се неверојатно цврсти. Се прашував дали градителите на Стоунхенџ знаеле нешто за својствата на каменот. Тие не само што ги избрале најголемите камења, туку и оние што најверојатно ќе го издржат тестот на времето”, вели професорот Неш.

Постари од диносаурусите

Дополнително, анализата открила индикатори за староста на седиментите во карпата.

„Песочните седименти во кои се развивал каменот биле депонирани во периодот на Палеогенот, пред 66 до 23 милиони години“, објаснил Неш.

Меѓутоа, кога научниците ги споредиле односите на неодмиумски изотопи  во примероците, откриле дека одредени седименти во каменот се уште постари. Односно, некои зрна датираат од ерата на Мезозоикот (пред 252 милиони до 66 милиони години), кога можеби биле газени од диносаурусите.

„Некои од зрната песок се формирани уште пред 1 милијарда до 1,6 милијарди години“, додал Неш.

Иако оваа анализа одговори на некои прашања за Стоунхенџ, остануваат други нерешени загатки, чии одговори би можело да ги кријат уште две јадра ископани од Каменот 58 за време на реставрацијата во 1958 година и кои исто така се исчезнати.

Наодите се објавени на 4 август во списанието PLOS One.

Поддржете ја нашата работа: