Одговори што секој сака да ги знае: Дали сите ќе се заразиме и кога омикрон ќе стане грип?

Еден од најпознатите американски имунолози Ентони Фаучи изјави дека сите ќе бидеме заразени со омикрон, а Светската здравствена организација најави дека половина од населението во Европа ќе се зарази од овој сој во следните два месеци.

„Во првата недела од 2022 година, Европа забележа повеќе од седум милиони случаи“, рече европскиот директор на СЗО, Ханс Клуге.

Ентони Фаучи, советникот на Бајден за пандемијата, исто така смета дека прогнозите се загрижувачки. Тој рече дека, поради високиот степен на преносливост, секој ќе се соочи со омикрон.

„Вакцинираните најверојатно ќе бидат заразени, вклучително и оние кои примиле засилена доза, но нема да завршат во болница и нема да умрат“,

рече Фаучи, најавувајќи дека ни претстои преоден период во однос на пандемијата.
Дали сите ќе се разболиме?

Меѓутоа, други експерти не се согласуваат со овие тврдења.

„Сепак, дури и во најстрашните пандемии, никогаш не се случило целото население да биде зафатено во рок од неколку месеци. Можно е коронавирусот на крајот да стане ендемичен како вирусите со кои живееме, како што се грипот и настинката. Не мора да се случи сега, тоа може да се случи за пет или седум години“, изјави епидемиологот Паоло Бонани, пренесува Ел Мундо.

И имунологот Антонела Виола смета дека нема сите да се разболиме, иако сите ќе стапиме во контакт со вирусот со текот на годините.

Кои се придобивките од носењето маска?

Според Фабрико Преглиаско, виролог и медицински директор на Институтот Галечи во Милано, иако сите во одреден момент ќе стапиме во контакт со вирусот, треба да продолжиме да се придржуваме до сите епидемиолошки мерки.

„Со оглед на високата преносливост на омикрон, маската помага да се избегне инфицирање на сите нас во исто време. Општеството мора да функционира, не можеме да си дозволиме да останеме без лекари и медицински сестри во болниците, продавачи или возачи на автобуси“, предупредува Преглиаско.

Може ли омикрон да се третира како грип?

Шпанскиот премиер Педро Санчез предложи коронавирусот да се третира како нормален грип, бидејќи зголемувањето на случаите не е проследено со зголемување на бројот на смртни случаи. Санчез тврди дека повеќе не е неопходно да се изолираат сите кои се позитивни и дека е време пандемијата да се претвори во ендемично заболување, како што е сезонскиот грип.

Сепак, СЗО предупреди дека последниот бран не треба да се третира како сезонски грип, бидејќи голем дел од новата варијанта се уште е непознат, особено во однос на тежината на болеста.

„Сè уште не можеме да го сметаме за грип. Тоа би можеле да го направиме доколку се вакцинира цела планета, но и во овој случај секогаш би постоел ризик од мутации кои ја нарушуваат заштитата и го оптоваруваат здравствениот систем“, вели Виола.

Поддржете ја нашата работа: