Се враќаме на Венера! НАСА планира две нови мисии до 2030 година

НАСА вчера најави две нови мисии на Венера кои ќе започнат кон крајот на оваа деценија и ќе имаат за цел да испитаат како најблискиот планетарен сосед на Земјата останал со пеколен пејзаж додека нашата планета еволуирала во друг правец.

„Овие две сестрински мисии имаат за цел да разберат како Венера стана пеколен свет, способен да стопи олово на својата површина“, изјавил Бил Нелсон, ново-потврдениот администратор на агенцијата.

„Тие ќе ѝ понудат на целата научна заедница шанса да ја испита планета на која не сме биле повеќе од 30 години“, додава тој.

На мисиите им се доделени околу 500 милиони УСД во рамките на Програмата за откривање на НАСА и секоја од нив се очекува да започне  помеѓу 2028-2030 година.

Едната од двете мисии е наречена „Давинчи +“, а ќе има задача да ја истражи длабоката атмосфера на Венера и да собере податоци за составот на гасовите. Сондата ќе ги опфати и густите слоеви со облаци од сулфурна киселина.

Мисијата исто така ќе се обиде да утврди дали планетата некогаш имала океан.

Давинчи + ќе ги прати и првите слики со висока резолуција од таканаречените „Тесери“ на планетата, геолошки форми споредливи со континентите на Земјата, чие постоење сугерира дека Венера има тектоника на плочи.

Другата мисија е наречена „Веритас“.

Ќе има за цел да ја мапира површината на Венера од орбитата и да ја истражува геолошката историја на планетата.

Користејќи специјален уред за снимање на тродимензионални конструкции, ќе ги исцрта површинските издигнувања и ќе потврди дали на планетата сѐ уште се случуваат вулкански ерупции и земјотреси.

Со инфрацрвено скенирање ќе се утврдува типот на карпите и ќе се собираат податоци дали активните вулкани испуштаат водена пареа во атмосферата.

Иако мисијата е предводена од НАСА, германскиот воздушен вселенски центар ќе го обезбеди инфрацрвениот скенер, додека италијанската вселенска агенција и францускиот национален центар ќе придонесат за радарот на мисијата.

„Зачудувачки е колку малку знаеме за Венера, но комбинираните резултати со овие мисии треба да научиме повеќе за неа, почнувајќи од облаците на нејзиното небо, преку вулканите на површината, сè до нејзиното јадро“, рече Том Вагнер, главниот Научник за програмата на НАСА.

„Ќе биде како повторно да ја откривме планетата“, вели тој.

Последниот орбитер на НАСА во Венера беше Магелан, кој пристигна во 1990 година.

Извор: НАСА

Поддржете ја нашата работа: