„Сите деца, освен едно, растат“: Знаете ли што е синдромот Петар Пан и како да го препознаете?

Pixabay

Преземањето одговорност понекогаш е исклучително тешко, но сепак има луѓе кои се обидуваат да го избегнат повеќе од другите.

Повеќето луѓе се свесни за фактот дека треба секојдневно да се справуваат со емоционалните и финансиските предизвици на зрелоста и покрај тоа што повремено уживаат во активностите што сакале да ги прават во младоста. Меѓутоа, во нашата средина, речиси без исклучок, постои личност која одбива да преземе одговорност на работа, во врските и воопшто во животот. Наместо тоа, таа избира да го живее животот на Петар Пан.

Овој тип на однесување првпат беше спомнат и опишан во 1983 година од д-р Ден Кили во книгата „Синдром Питер Пан: мажи кои никогаш не растат“. Четири децении подоцна, синдромот сè уште не е официјално признат како психолошко нарушување, иако терминот широко се користи за опишување на одреден тип на однесување без оглед на полот или културата на поединецот.

Како всушност изгледа нивното однесување?

Како што веќе спомнавме, овој синдром не е официјално признат, па експертите немаат ни утврдено карактеристични обрасци на однесување, иако постои одреден консензус дека тој често се манифестира во врските, на работа и во личните ставови кога станува збор за одговорноста.

„Во врските, мислам дека најјасно се манифестира во смисла на различни нивоа на амбиции, очекувања, животни цели и способност за преземање обврски“, објаснува психологот Патрик Катам од Портланд.

Со други зборови, ако некое лице има синдром Петар Пан, неговиот емотивен партнер често ќе добие впечаток дека би му било тешко да преживее сам на овој свет. Конкретно, ваквото однесување може да се манифестира во форма на трупање на садови во мијалникот или на валканите алишта во корпа додека не им ја снема последната вилушка или пар чорапи – затоа, партнерот ќе мора да преземе добар дел од домашна работа за да го направи домот попријатно место за живеење.

Освен тоа, во емотивните врски може да се случи и планирањето на активностите и носењето важни одлуки да го препуштат на партнерот, ретко да прават долгорочни планови, но и да покажат одредени знаци на емоционална недостапност – тие не сакаат да дефинираат или етикетираат врски.

Што се однесува до работата, според експертите, луѓето со синдромот Петар Пан најчесто ќе имаат склоност да се борат со целите, но и да вложуваат малку труд во наоѓање работа, да ја напуштат веднаш штом ќе се почувствуваат напор, досада, предизвик или стрес. Често пропуштаат рокови или покажуваат отсуство на желба за напредување.

Затоа, не е чудно што најчесто изгледаат беспомошно во очите на другите и покажуваат шема на несигурност, емоционални испади во стресни ситуации, мал интерес за личен раст и страв од туѓото мислење – пред се негативни. Кога се зборува за синдромот Петар Пан, често се споменува нарцизам, но експертите тврдат дека тоа се сосема различни концепти.

Кај кого е почест и што е Венди синдром?

Синдромот Петар Пан е во голема мера поврзан со мажите, а неколку студии направени на оваа тема ја поддржуваат хипотезата. Сепак, важно е да се нагласи дека нема многу истражувања кои испитуваат како овие однесувања се манифестираат кај различните полови, па дури и постоечките се од многу мал обем, т.е. вклучуваат мал број на испитаници.

Од друга страна, додека го проучувал синдромот Килеи, забележал дека некои жени покажуваат однесување кое тој го нарекол Венди синдром. Слично на приказната, жените во оваа улога често несвесно носат одлуки наместо мажите, го средуваат нивниот неред и нудат еднострана емоционална поддршка.

Поддржете ја нашата работа: