Тунгуска експлозија – Најнови откритија за мистеријата стара повеќе од еден век!

Иако се почувствува во многу делови на светот, никој не знаеше што го предизвика силниот земјотрес во раните утрински часови на 30 јуни 1908 година. Во следните години, шпекулациите полека се проширија низ Русија и светот, но целиот настан, се чини, останува мистерија.

Многу години подоцна, во 2014 година, денот кога се случи оваа експлозија беше прогласен за Меѓународен ден на астероидите. Тој датум беше избран затоа што ударот на астероидот во Тунгузија се смета за најштетен познат настан од ваков вид во поновата историја на Земјата.

За силината на експлозијата зборува фактот што истата била регистрирана и од сеизмографите во Велика Британија (оддалечени над 5 илјади километри), а американските астрономски опсерватории, неколку месеци по експлозијата известувале за значително намалената видливост кон небото. Во Западна Русија, следните денови по експлозијата, ноќите биле толку светли (веројатно од пожарите) што можело да се чита. Според разни проценки се смета дека силата на експлозијата била помеѓу 5 и 15 мегатони ТНТ, што е речиси 200 пати посилно од нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима и околу 1/3 од најсилната досега предизвикана нуклеарна експлозија (Руската т.н. Цар-бомба од извонредни 50 мегатони).

Освен фактот дека овој необичен настан беше катастрофален за околината, тој остана неистражен долго време. Дури и кога приказната за него некако стигна до рускиот научник Леонид Кулик (1883 – 1942), кој работеше во Музејот на метеорити во Санкт Петерсбург, Кулик не можеше да оди во Сибир со години поради Првата светска војна и Октомвриската револуција во Русија. Тој ја организира првата експедиција дури во 1921 година, но поради тешките услови во негостопримливиот Сибир, експедицијата не успеа да стигне до местото на удар. Кулик ја повтори својата експедиција во 1927 година. Подобро опремен и со помош на локалното население, успеа да ја најде нултата точка. Сепак, она што го виде беше сосема неочекувано, а дел од тоа може да се види на фотографијата што ја направи.

Денес знаеме дека центарот на необичниот настан е во близина на тунгуската река, Подкаменаја, среде големи напуштени шуми, во тајгата на Сибир, која денес во Русија припаѓа на административната област позната како Краснојарска територија. Регионот Евенки или Евкенкија во која се наоѓа порано беше познат како Тунгуска (Тунгуска), што, повторно, сѐ уште е симбол за оддалечена област.

Иако немаше директни сведоци за експлозијата, сеизмичкиот бран беше забележан на илјадници километри. Густи облаци прашина ја зафатиле целата област и се искачиле на големите височини. Околу 80 милиони дрвја се уништени на местото на ударот. Пожарот кој избувнал траел цели два дена, уништувајќи го целиот жив свет во тајгата на површина од 2150 квадратни километри. Човечки жртви немало бидејќи областа е ненаселена.

Кога Кулик пристигнал на местото на ударот, сепак, никаде немало метеоритски кратер. Немало ниту парче карпа што би паднала од вселената. Открил само голема површина уништена и изгорена шума, долга околу педесет километри. Милиони дрвја биле оборени спроти центарот на зоната на удар, додека во самиот епицентар стоеле неколку совршено исправени дрвја: без гранки, излупени и испечени, како телефонски столбови. Кулик збунето го гледал пејзажот од платото, а објаснувањето дојде години подоцна.

Имено, ова тело, комета или астероид – за што сѐ уште се расправа – воопшто не ја допрело земјата. Експлодирало во воздух на висина од пет до десет километри, предизвикувајќи брзи ударни бранови кои ги уништиле дрвјата.

Во спомен на овој настан, група еминентни научници, мислители, астронаути, астрофизичари и истражувачи во различни области, вклучувајќи го и Стивен Хокинг (1942 – 2018) се приклучија пред иницијативата за воспоставување на Меѓународниот ден на астероидите, кој има за цел да ги вклучи технологијата и човештвото во следењето на движењата на астероидите што се приближуваат кон Земјата, како и да го сврти вниманието на јавноста кон заканите што ни доаѓаат од вселената.

Сепак повеќе од еден век по настанот, научниците немаат единствен став што ја предизвикало оваа експлозија. Истражување од најнов датум е од германскиот астрофизичар, Борис Р. Герман, објавен пред само неколку месеци, на 21 јуни 2021 година. Во заклучокот се наведува дека настанот Тунгуска во 1908 година не е поврзан со контакт на Земјата со комета или астероид и
најверојатно би можело да биде тектонски настан предизвикан од заеднички сончево-лунарно-копнени аномалии.

Бројните сведоштва од локалното население во Сибир, но и материјали од најновите научни истражувања, може да се најдат во обемната архива на tunguska.tsc.ru.

Поддржете ја нашата работа: