Што е тактичко нуклеарно оружје?

Од војната во Украина до неодамнешното ракетно тестирање на Северна Кореја, тактичкото нуклеарно оружје се дебатира и се развива на начин невиден од Студената војна.

Не постои универзална дефиниција за таквото оружје, а аналитичарите истакнуваат дека употребата на која било нуклеарна направа би го прекршила „нуклеарното табу“, кое постои откако САД фрлија атомски бомби врз Јапонија во 1945 година, единствениот пат кога тоа оружје беше употребено во војна.

Нестратегиско оружје

Тактичкото нуклеарно оружје често се карактеризира со големина, дострел или употреба за ограничени воени цели. Често се нарекува „нестратегиско оружје“ за разлика од стратегиското оружје, кое американската војска го дефинира како дизајнирано да ги таргетира „воените капацитети на непријателот и неговата волја да војува“, вклучувајќи ги производствените, инфраструктурните, сообраќајните и комуникациските системи и други цели.

Тактичкото оружје, од друга страна, е дизајнирано да постигне поограничени и поалармантни воени цели. Терминот често се користи за опишување на оружје со помал „принос“, или количество енергија ослободена за време на експлозијата.

Таквото оружје обично е многу пати поголемо од конвенционалните бомби, предизвикува радиоактивен отпад и други смртоносни последици надвор од самата експлозија, а не постои договор за големината што го дефинира тактичкото оружје.

Тактичкото оружје често се поставува на ракети, бомби што се исфрлаат од воздух, па дури и артилериски гранати што имаат релативно мал дострел, многу помал од огромните интерконтинентални балистички ракети (ИЦБМ) дизајнирани да патуваат илјадници километри и да погодат цели преку океан.

Сепак, повеќето од овие системи можат да носат и стратегиско нуклеарно оружје.

Кој поседува тактичко нуклеарно оружје?

Повеќето светски нуклеарни сили поседуваат таканаречено оружје со низок принос, што значи дека е наменето за бојното поле.

Според мартовскиот извештај на американската Конгресна служба за истражување, САД имаат околу 230 парчиња нестратегиско нуклеарно оружје, вклучително и околу 100 бомби Б61 распоредени од летала во Европа.

Во 2018 година, администрацијата на Трамп ги објави плановите за нова боева глава со мал принос за балистички ракети лансирани од подморници и за нова крстосувачка ракета со нуклеарно полнење.

Русија во својот арсенал има од 1.000 до 2.000 боеви глави за нестратегиско нуклеарно оружје, се вели во извештајот.

Северна Кореја оваа недела соопшти дека неодамнешната серија ракетни тестови била дизајнирана да симулира напад врз Јужна Кореја со тактичко нуклеарно оружје.

Експертите веруваат дека кога Северна Кореја би го обновила нуклеарното тестирање, тоа би можело да вклучи развој на помали боеви глави наменети за употреба на бојното поле.

Дали ќе го употребат?

Претседателот Владимир Путин, кој ја контролира најголемата нуклеарна сила во светот, во повеќе наврати го предупреди Западот дека секој напад врз Русија ќе предизвика нуклеарен одговор.

Стремежот на Северна Кореја за такво оружје, во меѓувреме, може да претставува опасна промена во начинот на кој Северна Кореја распоредува и планира да користи нуклеарно оружје, велат аналитичарите.

Тоа, исто така, ја обнови дебатата во Јужна Кореја за тоа дали да распореди американско тактичко нуклеарно оружје, кое беше повлечено од полуостровот во 1990-тите, или да продолжи со сопствената нуклеарна програма.

Извро: Ројтерс

Поддржете ја нашата работа: