Вештачко око кое функционира како вистинско

Научниците веќе со години работат на создавање вештачко око кое ќе може да го имитира и обликот и однесувањето на вистинското око. Ова е секако исклучително тешка задача, но се чини дека конечно го пронајдоа вистинскиот пат кон тоа.

Жијонг Фан од Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг и неговите колеги развија сферичен визуелен сензор кој ја имитира структурата на човечкото око, пишува New Scientist, а пренесува Engadget.

Резултатот е вештачко око чии функции и структура во голема мера го имитираат човечкото око. Вештачкото око се напојува со мрежа од нано фотосензори сместени во сферична алумина мембрана што ја „имитира“ мрежницата, додека мрежата формирана од легура на течен метал ги реплицира нервите преку кои се испраќаат сигнали од сензорот до надворешниот процесор.

За да може сето ова да работи, потребен е дополнителен материјал – слој од индиум кој го подобрува електричниот контакт, како и силиконски полимер во форма на саќе, кој ги држи сензорите и врските на место.

Ова вештачко око личи на човечко, но тоа не е неговата единствена карактеристика. Тое е способно да реагира на сличен начин на опсегот на видливата светлина, а времето на неговото реагирање е многу побрзо. Исто така, ова око е почувствително бидејќи неговите фото-рецептори се поставени погусто отколку во човечкото око.

Аголот на гледање на ова око е 100 степени, што е малку помал од оној на човечкото око (130 степени), но научниците се надеваат дека ќе можат да го поправат и тоа. Се разбира, има уште многу простор за подобрување. На пример, површината за откривање светлина е широка само два милиметри и има резолуција од околу 100 пиксели, што во моментов е далеку под секоја можност за сериозна примена. Покрај тоа, производствениот процес засега е многу скап и бавен, и не е познато како споменатите материјали ќе се однесуваат во долг временски период.

Сепак, ова е првиот голем напредок во технологијата за вештачки очи во последниве години што има потенцијал да еволуира во нешто што навистина ќе биде употребливо. Крајната цел се импланти кои ќе можат да го заменат човечкото око. Научниците дури веруваат дека ќе биде можно да се обезбеди сончева енергија, преку сончева светлина, но сето тоа сеуште е само во доменот на теоријата.

Поддржете ја нашата работа: